Пратениците го прифатија предлогот на Милошоски за Резолуцијата да се расправа веднаш по буџетот
Со 85 гласа „за“, четворица „против“ и еден воздржан пратениците се договорија веднаш по завршување на расправата за буџетот, да почне расправата за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Антонио Милошоски на денешната собраниска седница предложи Резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на земјата да биде втора точка на дневниот ред на седницата, наместо девета и за македонските црвени линии за идентитетските прашања да се расправа веднаш по точката за буџетот.
Тој нагласи дека ова барање е поради важноста на Резолуцијата, но и поради времето, кое како што рече не е сојузник сега, поготово што на седницата се предложени дури 40 точки за расправа.
Претседателот Талат Џафери ги повика пратениците да гласаат за предлогот на пратеникот Милошоски по што со 85 гласа „за“, четворица против и еден воздржан пратениците се договорија веднаш по завршување на расправата за буџетот, да почне расправата за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ.
Со резолуцијата се предлага преговорите со Бугарија да се водат на рамноправна основа, македонскиот јазик и идентитет да имаат свој просторен и временски континуитет, да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, македонскиот идентитет да го црпе својот легитимитет од повеќевековните традиции како и да се применуваат позитивните и општприфатени меѓународни конвенции и декларации на Обединетите нации за правотот на самоопределување.