ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ Прво седница на Комисијата, па контрола во АНБ

Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, како и новинари и бизнисмени.

137

Собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање утре во 10 часот ќе одржи седница, а потоа ќе оди во контрола на АНБ. Со седницата, на чиј дневен ред е предлог-заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ, ќе претседава претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи.

Ваков договор постигнале членовите на Комисијата, а за тоа го информирале и претседателот на Собранието Африм Гаши.






– Самите дојдоа до договор и јас го почитувам тоа – изјави денеска претседателот на Собранието на брифинг со новинарите.

По седницата, оние членови на Комисијата кои имаат безбедносни сертификати, ќе одат во надзорна посета на АНБ.

Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, како и новинари и бизнисмени.

Проблемот со одржувањето на седницата се појави поради тоа што претседателот на Комисијата Скендер Реџепи нема безбедносен сертификат, односно нема добиено одговор од Агенцијата за национална безбедност, по што претседателот на Собранието согласно неговите деловнички можности ја назначи пратеничката Славјанка Петровска да ја води седницата. Но, таа седница беше одложена за утре, откако пратениците од Комисијата постигнале договор дека ќе ја води претседателотна Комисијата, Реџепи.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски во изјава за медиумите рече дека целата документација е испратена во Обвинителството, а премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега изјави дека очекува Обвинителството да постапи.

Од опоициската СДСМ бараат декласификација на материјалите.

Премиерот Мицкоски вчера во неговиот говор на централната прослава по повод Денот на независноста рече дека не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, туку вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите. Тој потенцира дека мора да има одговорност.

– Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот од моето следење – рече Мицкоски.

Поврзани содржини