ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ ОДАТ ВО КОНТРОЛА ВО АНБ Гаши закажа седница на Комисијата за надзор над разузнувачките агенции

Целта е на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност, преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани, вели пратеникот Љупчо Пренџов.

134

Претседателот на Собранието, Африм Гаши за утре во 11 часот ја закажа седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, во врска со актуелните сомнежи за незаконско следење од АНБ, кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година.

Како што информираат од собраниската прес-служба, со седницата ќе претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.






Ова следи откако членот на собраниската Комисија за надзор на АНБ и на АР, пратеникот Љупчо Пренџов вчера јавно го повика претседателот на Комисијата Скендер Реџепи од Европскиот фронт да закаже итна седница. Реџепи одговори дека додека е претседател и дискриминиран нема да свика таква седница.

– Целта е на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност, преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани – истакна Пренџов.

Овие случувања, според пратеникот, предизвикаа силна вознемиреност во јавноста и, како што рече, ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност.

– Токму затоа, обврска на комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата – рече Пренџов.

Реџепи потенцира дека тој е дискриминиран и нема да може да присуствува на седницата, бидејќи нема одговор на барањето за безбедносен сертифика.

– Сè додека сум јас председател и дискриминиран од власта, од службите, нема да повикам таков состанок. Кога би повикал состанок, јас не би можела да присуствувам поради класифицираните информации. Која е логиката председателот на комисијата да не може да присуствува во една таква седница на комисијата или на таков претрес во службите. Јас пред една година сум поднел барање за безбедносен сертификат – рече Реџепи.

Поврзани содржини