ПРАТЕНИЦИТЕ ДА КАЖАТ „НЕ“ НА ДЕСТРУКТИВНИОТ ЗАКОН ЗА ИГРИ НА СРЕЌА Порака од 10.000 вработени кои се соочуваат со губење на работата

Претставниците на секторот и вработените упатија силен и недвосмислен апел до пратениците целосно да го отфрлат ова законско решение, кое го оценија како деструктивно, монополско и штетно како за буџетот, така и за егзистенцијата на илјадници семејства.

0

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС), со поддршка на вработените во дејноста денеска одржаа заедничка прес-конференција во паркот „Жена борец“ поради ставањето на Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри на дневен ред на денешната 104. собраниска седница.

Претставниците на секторот и вработените упатија силен и недвосмислен апел до пратениците целосно да го отфрлат ова законско решение, кое го оценија како деструктивно, монополско и штетно како за буџетот, така и за егзистенцијата на илјадници семејства.






Пред присутните медиуми и собраните граѓани се обрати претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, кој потенцираше дека овој предлог закон означува свесна одлука на државата да доведе една целосно легална дејност до банкрот.

– Кажете НЕ на овој деструктивен Предлог-закон за игрите на среќа и за забавните игри! Отфрлете го ова решение кое ќе значи крај за легалната дејност и кое ширум ќе ја отвори вратата за сивата економија и криминалот – изјави Илијевски.

Илијевски исто така посочи дека со носењето на овој закон, повеќе од 10.000 директно вработени и десетици илјади работници во придружните дејности ќе останат без приход и работа. Заедно со нивните семејства, тоа се преку 35.000 луѓе кои државата свесно ги прави идни кандидати за иселување. Од Асоцијацијата предупредуваат и дека затворањето на легалните објекти нема да ги заштити младите, туку ќе предизвика тежок контра-ефект.

– Сакам јавно да ги прашам пратениците: Дали навистина верувате дека со затворањето на легалните објекти ќе ги заштитите младите? Оваа мерка ќе даде тежок контра-ефект. Со затворањето на легалните објекти, вие директно отворате простор за нелегална црна економија. Ја враќате Македонија во деведесетите, а оние кои криминално сакаат да заработуваат од оваа дејност веќе тријат раце. Обложувањето нема да исчезне туку ќе се врати по темните подруми – потенцираше Илијевски од паркот „Жена борец“.

Од АСОМ напоменаа дека тие се првата легална бариера која почитувајќи го законот, врши контрола на лични карти и не дозволува влез на малолетници. Со нивно затворање оценува Илијевски ќе се остави играта на црниот пазар.

– Кога ќе нè затворите нас, ја оставате играта на црниот пазар кој работи само за профит, каде што нема контрола на идентитет и никој не штити малолетници. Дополнително, 350 милиони евра кои годишно легално се слеваат во државниот буџет, ќе бидат префрлени директно на црниот пазар – изјави денеска Илијевски.

Од асоцијацијата потсетија дека секторот никогаш не бил против регулација, но институциите досега покажале целосен игнорантски однос за соработка, како за нивните предлози при подготовка на законот по европски стандарди така и за повиците за средби при уредување на дејноста.

Илијевски се наврати и на понудените конкретни решенија базирани на три столба и тоа: Поригорозни казни за непочитување на забраната за влез на малолетници, либерализација на онлајн пазарот за легалните приредувачи, наместо воведување државен монопол, со што државата би имала апсолутна контрола на приредувачите на игри за среќа и вложување сопствени ресурси за развој на национални едукативни кампањи во соработка со институциите.

Од настанот вработените како најзасегнати од дејноста испратија јасно предупредување до пратениците, а тоа е дека бараат итно повлекување на штетниот предлог-закон и отворање на вистински дијалог.

– Доколку законот се турка без јавна расправа и се изгласа уште во првото читање, денешниот настан ќе се смета само за прв чекор – порачаа работниците.

АСОМ и АПИС најавија дека ќе ги искористат сите механизми за одбрана на легалниот сектор и најавија масовни протести низ целата земја сè до конечно повлекување на законот од кој зависи егзистенцијата на нивните вработени.

Поврзани содржини