Пратениците ја изгласаа новата влада – 62 гласови „за“, 51 гласови „против“

Министрите дадоа свечена заклетва и ги потпишаа изјавите.

924

Со 62 гласови „за“,  51„против“ и без „воздржани“ пратениците во Собранието вечерва ја изгласаа новата влада која ќе ја предводи премиерот Зоран Заев.

Изборот беше проследен со аплауз.






Новата влада ќе ја предводи премиерот Зоран Заев и министрите: Артан Груби – за министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој ќе биде и прв вицепремиер на Владата. Љупчо Николовски – за вицепремиер за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурс. Фатмир Битиќи – за вицепремиер за економски прашања. Никола Димитров – за вицепремиер за европски прашања. Радмила Шекеринска – за министерка која ќе раководи со Министерството за одбрана. Оливер Спасовски – за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи. Бојан Маричиќ – за министер која ќе раководи со Министерството за правда. Бујар Османи – за министер кој ќе раководи со Министерството за надворешни работи. Фатмир Бесими – за министер кој ќе раководи со Министерството за финансии. Крешник Бектеши – за министер кој ќе раководи со Министерството за економија. Аријанит Хоџа – за министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Венко Филипче – за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство. Мила Царовска – за министерка која ќе раководи со Министерството за образование и наука. Јагода Шахпаска – за министерка која ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика. Горан Милевски – за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа. Ирена Стефоска – за министерка кој ќе раководи со Министерството за култура. Јетон Шаќири – за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација. Благој Бочварски – за министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски. Насер Нуредини – за министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Претходно, премиерот Зоран Заев упати порака до опозицијата, бидејќи, како што рече, гледал дека постои многу омраза и многу зла крв, а од тоа немало потреба.

– Сакам да соработуваме со опозицијата. За стратешките прашања во државата, нашиот народ очекува да соработуваме. Јас ќе сторам сè да имаме соработка со опозицијата. Така подобро ќе им служиме на граѓаните ако секој си ја врши својата работа. Ние ве научивме и се навикнавме како такви како што се поставивте во претходните три години. И со таквото ваше однесување се справувавме и ќе се справуваме ако не се промените. Држава оди напред, се интегрираме во НАТО и во ЕУ, растат примањата на граѓаните. Навистина можеме и така да продолжиме. Ако и понатаму немате став за ниту едно важно прашање за државата и за граѓаните, не чувствувате никаква одговорност за ништо што се случува, ако продолжите на белото да му велите дека е црно, тогаш ќе останете безбојни во македонската политичка сцена. А ако сме заедно и ако се разбереме за важните работи за државата и за граѓаните, тогаш ве уверувам дека имате повеќе шанси и ние и вие – рече Заев.

Задутре, продолжи тој, влегуваме во септември, а за една година нашата татковина ќе одбележи 30 години од нејзината самостојност.

– На тој 8 септември 1991 година, претседателот Глигоров и премиерот Кљусев, и покрај различностите во својата политичка припадност, беа обединети во триумфот и во радоста за убавата иднина. Да ја надминеме злобата, да ја победиме омразата и да се издигнеме самите себе за да го дочекаме јубилејот онака како што посакуваат граѓаните. Моќта, славата и среќата од слава и пари, не се мојот идеал. Мојот идеал е да се биде среќен во земја на среќни граѓани – истакна Заев.

Поврзани содржини