ПРАШАЈТЕ ГИ РУСИТЕ ЗА ГРЕШКАТА ВО СУМИ За Трамп војната во Украина е „војна на Бајден“
Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка, но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта, рече американскиот претседател според кого ова е „војна на Бајден“.
Русите направија грешка со нападот врз украинскиот град Суми, вели американскиот претседател Доналд Трамп за ракетирањето во североисточниот дел на Украина во кое загинаа најмалку 34 лица и 117 се повредени.
Запрашан да разјасни што сака да каже за „грешката“, Трамп рече: „Тие направија грешка… ќе мора да ги прашате“, без да прецизира на кого точно се мисли или за каква грешка се работи.
– Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка, но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта. Соединетите држави никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота – им рече тој на новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“ на враќање за Вашингтон.
Според Трамп „ова е војна на Бајден“.
– Тоа не е моја војна – истакна тој додавајќи дека „се обидува да ја прекина оваа војна за да спасиме многу животи“.
Суми, со население од околу четвртина милион луѓе, се наоѓа на само 25 километри од руската граница. Градоначалникот на Суми, Артем Кобзар, од денеска прогласи тридневна жалост за жртвите.
По нападот во неделата во Суми, Зеленски ги повика САД и Европа силно да одговорат на, како што рече, „рускиот тероризам“.
Во меѓувреме, се заоструваат односите меѓу Вашингтон и Техеран. Техеран соопшти дека е подготвен за нова рунда преговори со посредници во врска со нуклеарниот договор, додека од американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на 13 април се закани дека доколку не биде постигнат договор е можно бомбардирање.
Трамп од претседателскиот авион изјави дека очекува да донесе одлука за Иран многу скоро.
– Се сретнав со советници во врска со Иран. Очекувам дека наскоро ќе донесеме одлука за тоа – истакна шефот на САД.