„ПРАШАЊЕТО ЗА ТЕРИТОРИИТЕ Е МЕЃУ МЕНЕ И ПУТИН“ Зеленски ќе разговара за „територијалното прашање“ со рускиот претседател
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе разговара за „територијалното прашање“ директно со рускиот претседател Владимир Путин.
По средбата со американскиот претседател во Белата куќа, Зеленски вчера разговараше со новинарите во Вашингтон и рече дека имал „прилично долг“ разговор за прашањето за териториите. Тој изјави дека темата е дискутирана со помош на мапа подготвена од Америка, додека украинската страна имала своја мапа што ја покажува моменталната линија на фронтот.
Зеленски рече дека „малку разговарал“ за процентот на окупирана територија прикажан на мапата за време на состанокот во Белата куќа. Повтори и дека нема несогласувања со Трамп, опишувајќи го нивниот разговор како „добар, топол и значаен“.
Зеленски рече дека објаснил кога и како одредени делови од територијата на Украина биле окупирани, вклучувајќи делови од истокот на државата и полуостровот Крим во 2014 година.
Тој не коментираше директно дали САД ќе инсистираат на територијална размена или дали Украина има формула што ја одредува „прифатливоста“ на признавањето на одредени окупирани територии како руски.
– Прашањето за териториите ќе го оставиме меѓу мене и Путин – рече тој, без да навлегува во понатамошни детали.
Извори за западните медиуми го споделија ставот на Украина за потенцијалните разговори со Русија – Украина нема да прифати никаков договор што вклучува територијални отстапки кон Русите и инсистира на прекин на огнот. Киев, исто така, го отфрла предлогот што Путин му го даде на Трамп во Аљаска да го замрзне остатокот од фронтовската линија ако Украина ги повлече трупите од делумно окупираните источни региони Донецк и Луганск.
– Долго време разговаравме за тоа. Многу е важно да се разбере дека некои делови од нашата земја, дел од истокот и Крим, беа окупирани не затоа што едната армија ја притискаше другата, па втората се повлече. Прво, немаше масовни битки, на пример во Крим. Затоа, не може да се каже дека толку голем дел беше окупиран во толку краток период само затоа што Русите имаат силна армија – рече Зеленски, пренесе Киев пост.
Рече дека „се борел за секој процент од окупираните територии“.
– Им ја покажав на американските сојузници на мапа ситуацијата на фронтот, кој навистина ја контролира линијата на фронтот, во нашата земја, во привремено окупираните територии – додаде Зеленски.
Тој нагласи дека таквото разбирање е важно за американскиот претседател, за да види дека движењето на руските копнени сили е под стратешка контрола на Киев и да се увери во силата на украинските вооружени сили.
– На пример, постојат јасни податоци дека за 1.000 дена до 1% од нашата територија била окупирана од Русите. Луѓето мислат дека е 20% или 18% – но тоа било само 1%. Тоа малку го менува фокусот. За нас, фокусот е на вистината и на реалноста, што малку го менува балансот помеѓу воената сила на Русија и украинската армија. Ми се чини дека претседателот на САД го слушнал и видел тоа, и тоа е важна информација. Затоа прашањето за териториите е прашање што ќе го оставиме меѓу мене и Путин – рече Зеленски.
Според Зеленски, Русија предложила прво да се одржи билатерален состанок со Украина на ниво на лидери, а потоа и трилатерален состанок со Трамп.
– Американскиот претседател контактирал со руската страна и разговарал за можни дипломатски чекори. Русија прво предложила билатерален украинско-руски состанок, а потоа и трилатерален. Подготвени сме за секаков формат, на ниво на лидери, бидејќи само на ниво на лидери можат да се решат сите тешки и болни прашања – рече тој.
Зеленски нагласи дека Украина е подготвена и за билатерален состанок со Путин и за трилатерален, но дека големото прашање е како би се одржал билатералниот состанок.
– Не знаеме никакви детали за билатералниот состанок. Претседателот на Соединетите Американски Држави и јас разговаравме за фактот дека сите страни мора да покажат желба за завршување на војната. А желбата за завршување на војната е дипломатски состанок на ниво на лидери – рече тој.
Според него, ако едната или другата страна не покаже подготвеност за средба, тогаш Украина ќе побара од САД да дејствуваат соодветно и да извршат притисок.
– Разбираме какви формати можат да постојат, па затоа постои можност нашата средба да се одржи… Ако Украина почне да поставува предуслови за средбата – некои глобални, секако фер, во врска со прекин на огнот итн., тогаш и Русите ќе имаат 100 предуслови од своја страна. Затоа верувам дека треба да се сретнеме без предуслови и да размислиме како да го развиеме овој пат кон завршување на војната – рече Зеленски.
Датумот на можната средба со Русија сè уште не е утврден.
– Само по оваа продуктивна средба со претседателот и другите наши колеги можеме да кажеме каков е патот до трилатералниот состанок. И ако Русија првично му понуди на американскиот претседател билатерален состанок, Украина никогаш нема да застане на патот на мирот. Украина е подготвена за каков било формат, но само на ниво на претседател – им рече Зеленски на новинарите.
Во врска со евентуалното распоредување на странски контингент во Украина, Зеленски рече:
– Зборуваме за „Коалицијата на подготвените“, околу 30 земји, и ќе разбереме што навистина може да понуди секоја од овие земји. Некои можеби ќе бидат подготвени да разговараат за присуство, некои за разузнавање, некои за море, некои за безбедноста на воздушниот сообраќај – различни формати. Некои од земјите во коалицијата немаат уставно право да ја распоредат армијата. Сепак, таквите земји можат да го финансираат украинското производство – рече тој.
Според Зеленски, безбедносните гаранции на западните партнери за Украина ќе бидат формализирани во рок од 7 до 10 работни дена. Посочи дека тие гаранции ќе продолжат да се прошируваат, со повеќе детали во иднина.
Зеленски спомена неколку точки од идниот договор за безбедносни гаранции. Првата се однесува на финансирањето на украинските вооружени сили.
– Нашата армија се состои од наши војници, плати. И тоа е предизвикот: не можеме да ја изгубиме војската, не можеме да дозволиме да се намалува многу пати затоа што немаме финансирање. И нема да имаме такво финансирање, физички нема да биде во нашиот буџет, а ни требаат дополнителни средства – рече Зеленски.
Тој, исто така, ја објави својата намера да ги обезбеди потребните средства и нагласи дека европските партнери мора да разберат „дека мора да најдеме извор на финансирање за одреден, прилично долг период, така што тоа ќе биде дел од безбедносните гаранции“.
Друг елемент од гаранциите, рече тој, е пакетот за воена помош од САД.
– Навистина постои пакет со наши предлози во вредност од 90 милијарди долари. Тој вклучува, пред сè, авиони, системи за воздушна одбрана итн. – рече претседателот.
Третиот дел од договорот се однесува на украинското производство на дронови.
– Имаме договор со американскиот претседател дека кога ќе го отвориме извозот, тие ќе купуваат украински дронови. Ова ќе го финансира нашето домашно производство на дронови, нашите компании ќе имаат пари за зголемување на производството – рече Зеленски.
Тој додаде дека овој дел од договорот ќе вклучува и што можат да обезбедат партнерите, како ќе функционираат безбедносните гаранции и кои сили ќе помогнат во заштитата на Украина во случај на обнова на агресија.
Зеленски нагласи дека за време на состаноците во Белата куќа не е донесена никаква одлука неприфатлива за Украина.
– Тоа е дискусија, дијалог со партнери. Секој од нас има свои аргументи. Немаше неприфатливи одлуки. Мислам дека секој од нас си ја заврши својата работа – заклучи Зеленски.
Yesterday, important talks took place in Washington with the President of the United States and European leaders. This was truly a significant step toward ending the war and ensuring the security of Ukraine and our people. We are already working on the concrete content of the… pic.twitter.com/FXGnQfcdzz
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 19, 2025