ПРАШАЊЕ НА ВРЕМЕ БЕШЕ КОГА ЧОВЕК ЌЕ НАСТРАДА Институциите не мрдаат со прст по нашите предупредувања, велат од „Анима Мунди“
Од местото на настанот подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Откако една жена почина, а две лица завршија во болница, по јадењето домашна пита во која имало „Ланате“, се огласија од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“. Тие ги повика институциите да реагираат, а до граѓаните упатија повик да не го чуваат пестицидот.
„Години назад сведоци сме на злоупотреба на смртоносни отрови, нивно расфрлање по високо фреквентни јавни површини (паркови, училишни дворови, детски игралишта; околу влезови и ресторани повеќето со безбедносни камери што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот) масовни труења животни со супстанции кои за десетина минути, по само вдишување и на најлош можен начин убиваат животни кои тежат и повеќе од 40 килограми“, истакнаа од здружението.
Оттаму порачуваат дека досега барале истраги на терен и меѓу институционална соработка пред сè од МВР, АХВ, општините, проверки по земјоделските аптеки, пазарите; секогаш поддржани и од новинарите кои темата ја третирале пред јавноста зошто не засега сите.
„Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но од страна на институциите со прст не е поместено, ниту една единствена мерка никогаш не била преземена, тука таму некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пример, а најчесто само игнорирање и молк“, истакнаа од „Анима Мунди“.
Од МВР информираат дека од самото место подигнати се доказни материјали кои се предадени на натамошно вештачење.
„На 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени Ц.С.(79), Ѓ.С.(55) и Д.Ќ.(47), сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје. Лицата биле задржани за понатамошно лекување. Известен е јавен обвинител. Од местото на настанот подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Вчера почина снаата, а нејзиното тело е дадено на обдукција. Бабата е хоспитализирана на КАРИЛ, додека синот е во стабилна состојба.
„Ланате“ е забранет од 2015 година
Инаку отровот „Ланате“ од 2015 година е забранет во земјава, но сепак, широко е распространет и е најчеста причина за труење на кучиња, кои умираат во тешка агонија.
„Ланате“ е забранет за продажба од 2015 година и е отров од прва класа. Нема ниту вкус, ниту мирис. Отровот широко е распространет и е најчеста причина за труење на кучиња, кои умираат во тешка агонија. Фармацевтите велат дека ако се стави во мали количини во вода, може веднаш да усмрти човек. Но, иако е забранет, многумина може да го купат, ако на пример кажат дека им е потребен за земјоделски активности.
Расфрлањето отров е кривично дело за кое сторителот може да одговора и со затворска казна
Членот 232 од македонскиот Кривичен законик предвидува дека „тој што спротивно на прописите произведува, преработува, ракува, користи, одржува, чува, пакува, препакува, употребува, превезува, увезува, извезува или отстранува отровни или други опасни материи или нивни отпадоци, или генетски модифицирани или штетни организми опасни за животот или здравјето на луѓето, или за животинскиот или растителниот свет, ќе се казни со затвор од една до пет години“, а службено лице или одговорно лице во правно лице што ќе го овозможи извршувањето на делото се казнува со затвор од една до десет години.
Членот 233, пак, предвидува дека тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.