ПОЗОРНИКАРИ ИМА, КАКО ДА ГИ НЕМА Од Тони Кариес ни се тресеа вилиците, а сега се тресеме од клинци на улиците

„Полицаецот Тони Кариес имаше расипани заби, но знаеше сѐ, ама буквално сѐ. Често можевме да го видиме како интервенира, доколку некој го нарушува јавниот ред и мир. Често нè опоменуваше да се прибереме дома на време, да не вревиме... Можеби тоа за џденешни стандарди е претерано,. но мислам дека ни е потребно и сега, за да можеме ние, како граѓани, ама и нашите деца, да се чувствуваат безбедни“, вели наш соговорник од скопската населба Лисиче.

2,059

Демолирани детски игралишта, беснеење со возила по улички и по паркинзи, кршење  сообраќајни знаци, девијантно однесување на малолетници и на повозрасни… Ова е сликата која повеќето граѓани можат да ја забележат во вечерните часови во повеќето населени места во Скопје и низ Македонија. Луѓето се прашуваат каде се позорникарите или т.н. „маалски полицајци“, кои беа најавени во програмата на актуелната влада и неколкупати беа промовирани од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Нивната задача , велат од полицијата, е да ги намалат криминалот и девијантните однесувања во земјава. Превентивно, нивна задача е да интервенираат секогаш и секаде каде што има нарушување на законот и на јавниот ред и мир, без разлика на време и на место. Но, дали позорникари има и дали тие го намалија криминалот? Како стојат работите на теренот?






– Често пати шетам во ноќните часови по 21 часот, јас такво нешто немам видено, ниту обична полиција, ниту интервентна, ниту ништо. Во меѓувреме, гледаме и сведоци сме на девијантно однесување на малолетници кои причинуваат штета на игралишта, се тепаат меѓу себе, оштетуваат возила и ред други работи – вели за Плусинфо скопјанецот Горан.

Тој се присетува дека кон крајот на 1990-те и почетокот на 2000-та, позорникарите често можеа да се видат во населените места, а и како што сведочи тие го контролираа јавниот ред и мир, но и за сите знаеја, кое чие дете е, каде му работат родителите и слично.

– Во мое време, во населбата Лисиче, каде што живеам, имаше еден полицаец. Го викавме Тони Кариес. Имаше расипани заби, но искрено, кога и да го видевме, ни се тресеа вилиците од него, иако немавме направено ништо од што би стравувале. Полицаецот знаеше сѐ, ама буквално сѐ. Често можевме да го видиме како интервенира, доколку некој го нарушува јавниот ред и мир. Често и нè опоменуваше да се прибереме дома, да го намалиме тонот… Можеби сега тоа изгледа претерано, но мислам дека е потребно и сега, за да можеме ние, како граѓани, но и нашите деца, да се чувствуваат безбедни – додава нашиот соговорник.

Скопјанката Ана за Плусинфо сведочи дека повеќе пати била сведок на слични настани, но ѝ било страв да реагира. Пријавувала во полиција, но додека да интервенираат полициските службеници, сè било готово.

– Ги гледаме поголемите деца во ноќните часови како прават „глупости“, но тие се движат во групи, а и да интервенираш, може ќотек да добиеш од нив или ако физички ги нападнеш, јас или кој било друг ќе биде виновен за напад на малолетно дете. Сметам дека полицијата треба почесто да патролира, не само на главните улици во градот, туку да прошетаат малку и во помалите улички, како и во парковите во населбите и на игралиштата – вели таа.

Ана додава дека полициските службеници ги нема навечер да патролираат низ маалата, што  им е работа, но затоа може да ги сретнете во некој угостителски локал,  како одмараат и работното време го користат за седење во кафетерија, за пиење кафе и гледање ТВ. Понекогаш седат во возилата и ништо не прават.

Во полициските билтени, пак, често можеме да прочитаме за запалени контејнери, дрски разбојништва среде бел ден, обивање домови и продавници, но и пошти и банки, а сторителите најчесто ги нема.

Наспроти ова, од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо велат дека проектот „маалски полицаец“ или попознат како позорникар, функционира со цел да се зајакне позорната дејност на полицијата, како една од суштинските дејности кои се во функција на поблиска комуникација со граѓаните, зголемена доверба, а согласно на тоа и зајакнување на чувството на безбедност во населбите во кои живеат.

– Присуството на полицаецот позорникар во населените места е со цел да се спречат насилства, кражби по домовите, нарушувања на јавниот ред и мир, како и други општествени девијантни појави и има исклучително значење во делот на превентивно работење, зближување со граѓаните односно градење на врската полицаец – граѓанин. Како резултат на успешното функционирање на проектот „маалски полицаец“, кој е спроведен на поголем дел од територијата на Република Северна Македонија, евидентно е намалувањето на криминалитетот, а при тоа зголемена е безбедноста на граѓаните, како и довербата на граѓаните во полицијата – ни одговорија од МВР.

Бројот на полициски службеници кои се дел од проектот „Маалски полицаец“ зависи од големината на подрачјето кое се покрива, бројот на населението и е различен во различни полициски станици од општа надлежност или полициски одделенија.

Од МВР додаваат дека во последните години е евидентно намалувањето на криминалитетот, а такви тенденции има и во првите 9 месеци од оваа година.

– Согласно деветмесечниот споредбен преглед на кривично-правни настани за СВР Скопје од 01.01.2021 до 30.09.2021 година и истиот период 2020 година, а согласно евиденциите кои ги води Секторот за внатрешни работи Скопје, кривичните дела кои се гонат по службена должност и прекршоците за кои се примени пријави се во намалување во споредба со истиот период во 2020 година. На пример, бројот на тешки кражби е намален за 23 отсто. Постапувањето на полицијата придонесе и за зголемување на довербата на граѓаните во полицијата, што се гледа и од анкетите на кои граѓаните се изјаснуваат – додаваат од Министерството.

Од МВР напоменуваат дека полициските службеници од организациските единици во рамките на Секторот за внатрешни работи Скопје на дневна основа преземаат мерки и активности согласно членот 5 од Законот за полиција, а согласно Правилникот за начинот на вршење на полициските работи истите вршат позорна и патролна дејност во насока на остварување на задолженијата од член 5 од Закон за полиција.

– Полициските службеници преземаат и мерки и активности за одржување на јавен ред и мир на јавни собири, како и мерки за непосредно превентивно дејствување применувајќи ги сите со Закон доделени полициски овластувања. Ваквите мерки се зајакнати на локации и време каде согласно проценките се очекува појава на кривично-правни настани или прекршоци – велат од Министерството.

Поврзани содржини