ПОЗНАТИТЕ СРПСКИ БОНБОНИ „НЕГРО“ ПРЕДИЗВИКАА ХАОС ВО ШВЕДСКА Музички продуцент обвини дека името „негро“ е „нормализиран расизам“
Џени Ериксон, директорка за асортиман и набавка во трговскиот синџир Ica Sweden што ги продава бонбооните во писмен одговор наведува дека компанијата разбира дека зборот може да предизвика реакции, но наведува дека „производот за кој станува збор доаѓа од европскиот производител Pionir, каде што брендот е голем и познат во големи делови од Европа“.
Музичкиот продуцент Близа Бугади доживеал шок додека пазарувал со својата ќерка во продавницата „Ика“ во Мелндал, Шведска. На полиците забележал бонбони од брендот „Негро“, производ кој, како што вели, е пример за „нормализиран расизам“ и тоа, како што изјавил, го потсетило на времето на ропството, пишува шведскиот портал GP.se.
– Она што апсолутно ме привлече беше името „Негро“, но и фактот дека на сликата покрај логото имаше бел човек. За мене, тоа симболизираше: „Купете црнец за 10,95 круни“. Ме врати во минатото – изјавил Близа Бугади.
Тој го сподели своето незадоволство во објава на Фејсбук, нарекувајќи ја ситуацијата „нормализиран расизам“. Иако, како што вели, вообичаено не се замара со такви работи, овој пат не можеше да молчи.
– Особено кога пазарував со ќерка ми. Мислев дека ова е нешто што не можам да го пуштам. Бидејќи буквално беше „пред моето лице – вели тој.
Бонбоните се произведени од српската компанија Пионир и се на пазарот од 1928 година.
Бугади, сепак, верува дека староста на брендот и фактот дека „негро“ значи „црн“ на шпански не се релевантни во шведскиот контекст.
-Размислувам што може ова да симболизира за нејзината генерација (се мисли на неговата ќерка)? Мислам, луѓето, на пример, го отстранија зборот негербол (чоколадна торта). Зборот негро во Шведска има погрубо значење и затоа мора да се прилагодите на него. Во Шведска, црното се нарекува сварт, а не негро. За мене, тоа е само изговор – вели тој.
Бугади, исто така, ги предупреди неколку вработени во продавницата за производот, кои, според него, реагираа со шок.
-Тие рекоа: Се чувствуваме исто како вас и ќе им испратиме е-пошта на оние што ги купуваат производите за да проверат. Бидејќи и ние мислиме дека е ужасно – опиша тој.
Магнус Алкмарк, менаџер на продавницата Ica Kvantum во Мелндал, вели дека тоа е производ во централниот мултикултурен асортиман на Ica.
-Тој е во препорачаниот асортиман. Тоа значи дека е препорачано да го имаме во нашиот асортиман. Нема многу друго што да се каже за тоа. Никогаш не ми паднало на памет дека може да има некаква врска со тоа – изјавил тој.
Кога го прашале дали ја гледа ситуацијата поинаку по реакцијата на купувачот, тој одговорил:
-Ќе мора да го пренесеме тоа на организацијата и да истакнеме дека некој реагирал на ова, и ќе видиме каков став ќе заземат.
Алкмарк рекол и дека никогаш порано не слушнал слични жалби и дека би размислил да го повлече производот од полиците.
Џени Ериксон, директорка за асортиман и набавка во Ica Sweden во писмен одговор наведува дека компанијата разбира дека зборот може да предизвика реакции.
„Производот за кој станува збор доаѓа од европскиот производител Pionir, каде што брендот е голем и познат во големи делови од Европа“, напиша таа.
Ериксон објаснува дека името доаѓа од црната боја на производот поради активниот јаглен.
„Разбираме дека во други контексти зборот може да биде навредлив или да се сфати како дискриминаторски, но во овој случај сепак е етаблиран како бренд во локалниот контекст“, заклучи таа.