🎥 ПОЗНАТИОТ ОСКАРОВЕЦ ЖИВЕЕ КАКО БЕЗДОМНИК Обвинувањата за сексуални напади го чинеа Кевин Спејси цела кариера

Познатиот двократен добитник на Оскар и голема ѕвезда, во неодамнешното интервју за The Telegraph признава дека откако скандалите за сексуални напади го чинеа неговата кариера во Холивуд, живее како бездомник во станови на Airbnb. Во претходно интревју минатата година Спејси призна дека откако беше поднесено обвинението против него во 2018 година, размислувал да си го одземе животот

1

Еден од најдобрите актери на својата генерација и двократен добитник на Оскар, контроверзниот Кевин Спејси изјави дека седум години откако беше обвинет за сексуални малтретирања, со што беше завршена и неговата холивудска кариера, живее како бездомник.

– Живеам во хотели, живеам во станови на Airbnb, буквално немам дом, тоа е она што се обидувам да го објаснам – рече Спејси во неодамнешното интервју за The Telegraph.

 






Иако беше ослободен од обвиненијата за сексуални напади, актерот признава дека неговата финансиска состојба „не е добра“, но дека никогаш не дошло до банкрот. Според порталот, Кевин го нашле на Кипар во едно одморалиште „како се обидува да продолжи понатаму“.

Спејси, кој и натаму ги негира обвинувањата за злоупотреба од страна на неколку мажи во Велика Британија, вели дека „трошоците во последните седум години биле астрономски.

– Имав премал приход, а премногу трошев.

За неговата моментална позиција во Холивуд, тој вели: – Се справуваш со тоа. На чуден начин, се чувствувам како да сум се вратил назад таму каде што почнав. Сè е во складиште и се надевам дека во одреден момент, ако работите продолжат да се подобруваат, можам да одлучам каде сакам повторно да се сместам.

Од 2017 година, повеќе од 30 мажи го обвинија Кевин Спејси за сексуален напад или несоодветно однесување, што го чинеше неговата улога во хит серијата „House of Cards“.

Актерот ги негираше сите обвинувања и беше ослободен од сите обвиненија во јули 2023 година по четиринеделно судење. Сепак, во април минатата година, Канал 4 објави документарец со нови обвинувања против Спејси, кои актерот исто така ги негираше и ги пофали обвинителите за нивната „одлична глума“.

Инаку, Спејси прифаќа дека се однесувал несоодветно во минатото, но негираше дека неговото однесување било нелегално.

– Ја преземам одговорноста за моето однесување и постапките во минатото. Но, не можам и нема да ја преземам одговорноста или да се извинам на никого што измислува приказни за мене или ги преувеличува – рече актерот, кој беше ослободен од обвиненијата и во Велика Британија и во САД.

Во мај, Спејси ја прифати наградата за животно дело во Кан, каде што ја опиша изминатата година како „предизвикувачка“.

Канскиот филмски фестивал веднаш јасно стави до знаење дека наградата што Спејси ја доби во исто време во Кан нема никаква врска со нивниот фестивал.

– Фестивалот немаше никаква врска со поканата упатена до г-дин Спејси или наградата што ја доби за време на приватен настан – напишаа во соопштението.

Минатата година Кевин Спејси (65), даде интервју за британскиот водител Пирс Морган и отворено зборуваше за тешката ситуација во која се наоѓа откако беше обвинет за сексуален напад.

Иако беше ослободен од сите обвиненија за сексуален напад врз четири мажи, Спејси призна за време на интервјуто дека можеби бил малку „премногу слободен со рацете“ во односите со нив и често ги допирал луѓето несоодветно и „излегувал надвор од границите“ на пристојно однесување.

Тој, исто така, призна дека откако беше поднесено обвинението против него во 2018 година, размислувал да си го одземе животот бидејќи не гледал друг излез.

Поврзани содржини