ПОЗНАТИ УРБАНИСТИ И АРХИТЕКТИ ВО ТИМОТ ЗА УРБАНИЗАМ НА ГЕРАСИМОВСКИ Ќе работат на хуман развој на општина Центар

Комисијата ја сочинуваат Танкица Христова Спасовска, м-р Биљана Насковиќ, м-р Дамјан Цингарски, Александра Марсениќ Крајчески, Ана Лукиќ Коробар, д-р Маја Лазаревска и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља.

142

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави тимот на Комисија за урбанизам, составен од врвни архитекти и експерти кои работат на современи и одржливи урбанистички решенија за општината.

Комисијата ја сочинуваат Танкица Христова Спасовска, м-р Биљана Насковиќ, м-р Дамјан Цингарски, Александра Марсениќ Крајчески, Ана Лукиќ Коробар, д-р Маја Лазаревска и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља.

Тие ќе работат, како што е соопштено на планови за хуман развој и одржлива урбанизација со акцент на зеленило, велосипедизам, подземни паркинзи, јавни плоштади и квалитетно партерно уредување.

Тимот  ќе се надградува и проширува со нови експерти, со цел уште посеопфатно да одговори на предизвиците на современиот урбан развој.

– Ние сме лидер во промените, со храбри и визионерски одлуки секогаш во интерес на центарци. Прифатена е иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти, што подоцна се преточи во законско решение, кое беше победа не само за нашата општина, туку и за сите општини во државата. Со одлуките што ги донесовме, воведовме нови стандарди усогласени со европските практики. Секое издавање дозвола за градба мора да предвидува паркинг-места за велосипеди, а употребата на механизирани системи за паркирање е ограничена на максимум десет проценти од вкупниот број паркинг-места. Деталните урбанистички планови за Буњаковец и Дебар Маало предвидуваат зголемување на зелените површини, враќање на парковите и јавните простори на граѓаните, како и задржување и проширување на дрворедите и велосипедските патеки долж главните улици – вели Герасимовски.

Тој потенцира дека приоритет на општината е обезбедување повеќе зеленило и јавни простори, современа инфраструктура и функционален сообраќаен систем со решенија за паркирање кои ќе го намалат метежот.

-Работиме на изградба и уредување на велосипедски патеки и јавни плоштади, воведуваме ред во градежните зони со обврска оградувањето на градилиштата да биде исклучиво во рамки на градежната парцела и ја сопираме злоупотребата на рамните кровови кои досега се користеа како тераси. Урбанизмот е клучен инструмент за создавање квалитетен и одржлив животен простор. Како врвен приоритет го поставивме рационалното искористување на просторот, уредувањето на јавните површини и обезбедувањето рамнотежа помеѓу станбените, деловните и рекреативните зони – рече Герасимовски.

Општина Центар активно инвестира и во реконструкција на постари станбени згради со цел тие да станат енергетски поефикасни и да се намалат трошоците на домаќинствата.

Поврзани содржини