ПОЖАРОТ ВО ДОЈРАНСКО Е ОПАСНОСТ ЗА ОКОЛНИТЕ ШУМИ Грција испрати два авиона за да го изгаснат
Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожарот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар е многу тешко да се стави под контрола. Раширен е на поголема територија и претставува опасност да ги зафати и околните шуми, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во моментов најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција. Тоа е пожар кој гори неколку дена, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
– Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожарот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар е многу тешко да се стави под контрола. Раширен е на поголема територија и претставува опасност да ги зафати и околните шуми – рече Ангелов.
Тој додаде дека Грција испратила два канадера за да се изгасне огнот.
– Во соработка со колегите од грчка страна, кои понудија поддршка од два канадера, го активиравме Европскиот механизам за цивилна заштита за употреба на овие канадери кои треба да дејствуваат. По потреба на располагање имаме еден полициски и еден армиски хеликоптер, како и два ЕР трактори на ДЗС. Вториот ЕР трактор, предмалку слета во Скопје – рече Ангелов.
Тој информираше дека попладнево избил нов пожар на територија на Крива Паланка, во близина на местото кадешто беснееше пожарот пред неколку дена.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, како што информира Ангелов, регистрирани се повеќе од 40 пожари на отворен простор.
Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција соопштија дека во 16.53 часот по локално време двата канадери полетале од Солун, за да помогнат во справувањето со огнената стихија во Дојранско.
Во средата, по билатерално барање од Центарот за управување со кризи до Единствениот координативен центар за операции и управување со кризи на Грција, исто така за пожарот кај Дојран, грчката Влада позитивно одговори на барањето за помош и веднаш испрати два канадери и две противпожарни возила со осум пожарникари.