📽️ ПОЖАРНИКАРИТЕ СО ПЕНА ГО СОВЛАДАА ОГНОТ КАЈ АРАЧИНОВО Намерно запален сончоглед ја предизвика катастрофата, вели Ангелов

По повеќечасовна борба со пламенот, огнот на депонијата кај Арачиново е изгаснат, но чадот и натаму се шири кон Скопје. Стојанче Ангелов алармира дека пожарот бил намерно предизвикан.

1,872

По неколкучасовно гаснење со специјална пена, скопските пожарникари успеаја целосно да го изгаснат огнот во депонијата кај Арачиново, иако на терен и денеска може да се забележи чадење од неколку места.

– Благодарение на навремената интервенција и пожртвуваноста на скопските пожарникари, успеавме да ја ставиме ситуацијата под контрола. Огнот е изгаснат, но чадот што и понатаму се издига од неколку делови на депонијата може да создаде непријатност кај жителите на пошироката околина – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.






Овој пожар следува откако вчера вечерта беше подметнат нов оган на истата депонија, лоцирана покрај стариот пат кон Куманово.

– Скопските пожарникари ја затекнаа вратата на депонијата отворена, иако таа има ограда и влезна врата. Во внатрешноста беше фрлена поголема количина на пакуван сончоглед кој гореше со силен пламен, а заедно со него изгореа и други горливи производи. Најверојатно намерно запалениот сончоглед го предизвика ширењето на пожарот – нагласи Ангелов.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Plusinfo.mk (@plusinfo.mk)

Поради насоката на струењето на воздухот, чадот и смрдеата од пожарот се почувствуваа во повеќе делови од Скопје. Гаснењето на огнот беше особено комплицирано поради големиот обем на зафатената површина, што го отежна гаснењето со вода и пена.

– Поради специфичните услови на терен, се прави проценка дали ќе биде неопходно затрупување на дел од депонијата за целосно да се спречи повторно разгорување. Депонијата е под надлежност на Општина Арачиново и неопходно е координирано делување – додаде Ангелов.

Со оваа интервенција пожарникарите ја спречија опасноста огнот да се прошири надвор од депонијата, но останува загриженоста поради честите намерни палења во овој регион.

Поврзани содржини