ПОЖАРИТЕ ПУСТОШАТ ВО ГРЦИЈА Мицотакис им се извини на граѓаните
Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои гледаа како куќите и имотите им горат. Сите пропусти ќе бидат утврдени, како и одговорноста, порачал Мицотакис.
Пожарникарите утрово продолжиле да ги гаснат пожарите на грчкиот остров Евија, за да спречат пожарот да допре до градот во кој живеат повеќе илјади жители. Пожарот осум дена беснее на островот кој е 200 километри источно од Атина. Пожарникарите цела ноќ се бореле на неколку фронтови за да го сузбијат пожарот.
Според локалната власт и денеска се очекува во гаснењето да се вклучат хеликоптерите и авионите, ако поради чадот можат да летаат. На островот има околу 650 пожарникари, меѓу кои 250 од Украина, Србија и од Романија. Пожарот го гаснат 17 хеликоптери, вклучително и два од Швајцарија и два од Египет, како и осум авиони, од кои три француски канадери, пренесува Бета.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис им се извини за грешките во сузбивањето на разорните пожари кои ја погодија Грција во изминатата недела.
Повеќе од 500 пожари горат во Грција, поради што илјадници луѓе биле принудени да се евакуираат, а граѓаните сè повеќе се бесни поради доцнењето во одговорот од Владата, пренесува Ројтерс.
Мицотакис синоќа ветил дека грешките ќе бидат утврдени и поправени и повика на единство.
-Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани кои гледаа како куќите и имотите им горат – изјавил тој.
-Сите пропусти ќе бидат утврдени, како и одговорноста – додал Мицотакис.
Тој ветил дека уништените шуми ќе бидат обновени, дека ќе биде изградена климатска одбрана и дека ќе биде надокнадена штетата на тие чии имоти се уништени во пожарите – пренесува Тањуг.
-Климатската криза чука на вратата на целата планета – истакнал Мицотакис.
Грчкиот премиер одобрил пакет помош во висина од 500 милиони евра за Евија и за регионот Атика околу Атина. Грчките министри утре ќе разговараат за натамошни мерки.