ПОЖАРИТЕ СЕ ПОД КОНТРОЛА Сите расположливи сили се на терен, активиран е и ЕУ-механизмот
Премиерот Мицкоски потсети дека е активиран и Европскиот механизам, но, како што кажа, со оглед на тоа дека пожари беснеат насекаде во Европа, најверојатно нема слободни воздухоплови кои би биле дел од тој ЕУ механизам којшто би помогнал.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ситуацијата со пожарите во државава е под контрола и оти во моментов нема огнена стихија којашто е надвор од контрола. За најголем дел од пожарите, вели премиерот, постојат сознанија дека се подметнати.
– Имаме од 30 па и повеќе пожари секој ден, вчера беа над 50 пожари. Најголемиот дел од нив постои сомневање дека се подметнати или пак од негрижа се имаат случено. Досега можам да кажам дека во јули месец ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала коишто ги има Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се оние специјални возила условно да кажам, коишто ги подготвивме, бидејќи знаевме што нѐ очекува ова лето – нагласи Мицкоски.
Премиерот потсети дека е активиран и Европскиот механизам, но, како што кажа, со оглед на тоа дека пожари беснеат насекаде во Европа, најверојатно нема слободни воздухоплови кои би биле дел од тој ЕУ механизам којшто би помогнал.
– Европскиот механизам е активиран уште пред неколку дена, но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, цели населби се зафатени, во Турција исто така има жртви и повредени, цели населби, цели градови, Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, до пред некој ден знам дека имаше околу 240 на ден. Во Шпанија, Италија, Кипар, исто така. Така што во овој момент нема слободни еве да речам воздухоплови коишто би биле дел од тој ЕУ механизам којшто би помогнал – рече Мицкоски.
Премирерот кажа дека во моментот повеќе од 200 припадници на армијата се на терен, како и полициски службеници, полицијаците ги возат специјалните возила БТР-и, Пинцгауери, хермелини…
– Се организираме, работата е под контрола. Ќе се случува цело лето, ќе има и во август месец. Така што во овој момент немаме некаде огнена стихија која што е надвор од контрола – додаде Мицкоски.
Според информациите на ЦУК од утрово, во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани вкупно 51 пожар на отворен простор, од кои осум се активни, седум се под контрола и 36 се изгаснати.