ПОЖАРИ КАЈ БЕРОВО, ПРИЛЕП, РАДОВИШ… Десетици села во опасност, oгновите се шират

Македонија во пекол, 9 пожари беснеат низ планините, дел опасни по села и куќи, алармира ЦУК.

2,229

Додека земјата се соочува со екстремно топло и суво лето, пожарите низ Македонија не стивнуваат, до пладнево се регистрирани 15 пожари, од кои 9 сè уште се активни и претставуваат сериозна закана за шумскиот фонд и локалното население.

Според најновите податоци од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 12:30 часот низ територијата на државата се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор. Девет од нив се сè уште активни, а шест се ставени под контрола.






Најдраматично е во источниот и јужниот дел на државата – меѓу нив се шумските пожари што беснеат на подрачјето на општините Василево, Радовиш и Берово, каде што гори нискостеблеста шума, грмушки и смрека во реонот на Голем Готен и Малешевските Планини. Особено загрижува пожарот кај селото Бешиште во Прилеп, каде не може да се интервенира поради детонации, а огнот се шири кон селата Градешница и кон границата со Грција.

Мешани шуми и ниска вегетација гори и во шумскиот појас меѓу Прилеп и Кавадарци, во реонот на селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник. Во Македонски Брод, пожарите го зафатија просторот помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде гори деградирана дабова шума, а во Желино – помеѓу селата Церово и Групчин – се шири пожар во нискостеблеста и деградирана шума.

Сериозни последици трпат и општините Крива Паланка и Македонска Каменица, каде пламените јазици зафатија борова шума кај селата Нерав и Ќосевица. Додека кај селото Ореше, во Чашка, гори букова шума и ниска вегетација, а во Илинден, меѓу Мршевци и Бучинци, пожарот зафатил стрниште.

Состојбата е нешто постабилна кај шест пожари кои се ставени под контрола, но и тие се следат внимателно бидејќи не е исклучена можноста од повторно активирање. Меѓу нив е и пожарот во Облавце, Бељаковце и Довезенце кај Куманово, кој се прошируваше кон кратовските села Димонце и Коњух, каде веќе имаше закана по куќи.

Под контрола се и пожарите кај Грешница (Македонски Брод), Драгоево и Селце (Штип), Јунузлија (Карбинци), Горно Црско (Кичево), како и оној меѓу Катланово и селото Чифлик во Петровец.

ЦУК апелира до граѓаните да не палат оган на отворено, да пријавуваат веднаш секој забележан чад и да соработуваат со надлежните служби. Прогнозите најавуваат нестабилно време со ветер, што дополнително го зголемува ризикот за ширење на пожарите.

Поврзани содржини