ПОЖАРИ БЕСНЕАТ НА ОСТРОВИТЕ ХИОС И ЕВИЈА Населението се евакуира, драматична борба со пламените јазици
Високите температури и силниот ветер ја влошуваат ситуацијата и го отежнуваат гаснењето на пламените јазици кои брзо се шират. Градоначалниците и надлежните служби предупредуваат дека борбата со огнената стихија е далеку од завршена.
Два големи шумски пожари избувнаа на грчките острови Хиос и Евија, предизвикувајќи паника, масовни евакуации и вонредна мобилизација на противпожарните сили. Додека на Хиос беа евакуирани шест населени места, на Евија беше испразнет хотел како превентивна мерка.
Високите температури и силниот ветер ја влошуваат ситуацијата и го отежнуваат гаснењето на пламените јазици кои брзо се шират. Градоначалниците и надлежните служби предупредуваат дека борбата со огнената стихија е далеку од завршена.
Поради шумскиите пожари кои избувнаа на грчкиот егејски остров Хиос, беше извршена евакуација на шест населени места, објави грчкиот весник „Катимерини“. Ситуацијата е критична, а локалните власти водат трка со времето за да ги заштитат жителите од огнената стихија.
Жителите во областа Агиос Макариос Вронтадос добија итна тревога преку државниот алармен систем 112, со која им беше наредено веднаш да се евакуираат и да се упатат кон плажата Вронтадос, каде што се организираше пречек и евакуација преку море.
Освен Вронтадос, властите наредија итна евакуација и на областите Парифес, Јалурика, Панагија Воитеја, Агиос Пантелејмонас и Кастроминас. Жителите се евакуираат со помош на копнени и морски тимови.
Градоначалникот на Хиос, Јанис Малафис, во изјава за „Катимерини“ рече дека ситуацијата е сериозна, бидејќи огнот беснее на три одделни фронта, секој на значително растојание од другите, што дополнително ја усложнува координацијата на интервентните тимови.
– Ситуацијата е многу тешка, а ветровите се исклучително силни. Хеликоптерите работат, но под тешки услови. Нашите тимови се борат, а жителите се транспортираат до безбедни зони – изјави Малафис.
Во исто време, шумски пожар избувна и на грчкиот остров Евија, во близина на Атина. Како превентивна мерка, властите евакуираа еден хотел, а противпожарните тимови се обидуваат да ја стабилизираат ситуацијата пред да се прошири.
Грчките власти апелираат за максимална претпазливост и следење на сите упатства, додека во тек се интензивни напори за локализирање на пожарите.