ПОЖАР ВО НЕИСЧИСТЕН ОЏАК ВО ВЕЛЕС Пожарникарите брзо реагирале пред да се прошири на цела куќа
Пожарникарската служба на Велес апелира граѓаните веднаш да се јават на бесплатните броеви 122 или 193 при секое забележано горење или чад, но и ги потстетува редовно да ги чистат оџаците.
Територијалната противпожарна единица во Велес синоќа околу 23 часот добила дојава за густ чад на улицата Никола Оровчанец во населбата Дворови, во самиот центар на градот.
Тројца пожарникари со едно противпожарно возило веднаш излегле на терен. По пристигнувањето било утврдено дека гори оџак од куќа. Со навремена интервенција огнот бил пригушен и изгаснат пред да се прошири и да ја зафати целата куќа.
– Благодарение на брзата интервенција не е дозволено пожарот да направи поголема штета – соопштија од ТППЕ Велес.
Оттаму апелираат до граѓаните веднаш да се јават на бесплатните броеви 122 или 193 при секое забележано горење или чад.
Воедно ги потсетуваат жителите редовно да ги чистат оџаците, бидејќи токму нечистите оџаци се честа причина за пожари во зимскиот период.