ПОЖАР ВО „ИВАН МИХАЈЛОВ“ ВО БИТОЛА Клубот бара институциите итно да ги пронајдат виновниците
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија соопшти дека најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението. Обвинител заедно со екипи на СВР Битола утрово извршиле увид на опожарен објект.
Во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола утрово избил пожар.
„Во раните утрински часови беше опожарен објектот на Културен центар “Иван Михайлов” – Битоля.
Очекуваме институциите во набрз можен рок целосно да го расветлат случајот и сторителите да ги извадат пред лицето на правдата“, објавија од центарот на својата страница на Фејсбук.
Клубот беше отворен во средината на април, а на нееговото отворање присуствуваше бугарскиот премиер Крил Петков и висока државна делегација.
Отворањето на центарот долго време ја брануваше јавноста, а бугарската државна делегација во Битола беше дочекана од голем број граѓани кои изразија револт против отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“.
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија соопшти дека најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола.
„Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина. Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“, се наведува во соопштението.
Обвинител заедно со екипи на СВР Битола утрово извршиле увид на опожарен објект.
„Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење. Со цел откривање на сторителот, јавниот обвинител веднаш ќе издаде и наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери на самиот објект, но и на околните објекти.“, соопшти обвинителството