ПОЖАР ВО ДОМ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ ВО МИЛАНО Шест лица загинаа, а 68 се повредени
Тројца од повредените се во критична состојба, 15 со сериозни, но не опасни по живот повреди, додека 50 лица се здобиле со полесни повреди
Шест лица го загубија животот, а најмалку 68 се повредени во пожар што во текот на ноќта избувна во дом за пензионери во Милано, соопштија во петокот италијанските служби за итни случаи.
Билансот на загинатите го потврди и Лука Кари, портпарол на националната противпожарна служба.
-Тројца од повредените се во критична состојба, 15 со сериозни, но не опасни по живот повреди, додека 50 лица се здобиле со полесни повреди – рече Кари.
Тој информира и дека пожарот е изгаснат и дека е отворена истрага за причините.
Градоначалникот на Милано Џузепе Сала изјави дека пожарот бил изгаснат многу брзо, но потоа бил испуштен отровен чад.
Според медиумите, пожарот избувнал во ноќеска пред полноќ во дом за стари лица во југоисточниот милански кварт Корвето.