📽️ 📷 ПОЖАР СО ТОКСИЧЕН ЧАД ВО ТРУБАРЕВО Два други објекти зафатени од огнот, хеликоптери, „ер трактор“ и БТР возила на терен
Голем пожар во фирмата „Ф-Групација“ во Трубарево се прошири на два други објекти со пластичен отпад, а противпожарните екипи дејствуваат со хеликоптери, ер трактор и специјална пена за да го спречат ширењето.
Во скопското село Трубарево денеска попладне изби тежок пожар во објектот на фирмата „Ф-Групација“, која се занимава со електронски отпад. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, огнот се проширил и на два други објекти во кои имало голема количина пластичен отпад.

– Денеска попладне изби тежок пожар во фирмата „Ф-Групација“. Има два погони кои беа зафатени од огнот, а исто така имаше поголема количина пластика која произведува густ, црн и веројатно токсичен чад. Веднаш до нивните објекти се наоѓаат уште два објекти со пластичен отпад кои делумно се зафатени од пожарот. Среќа е што нема повредени лица – изјави Ангелов.
View this post on Instagram
Тој додаде дека првенствената цел на екипите на терен е да се спречи натамошно ширење на огнот.

– Од тие причини сите ресурси кои ги имавме на располагање во Град Скопје итно ги насочивме кон овој голем пожар. На терен се најголем дел од противпожарните возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, три БТР, еден хермелин, а цело време дејствуваат еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и еден „ер трактор“ на ДЗС, кои со прецизно фрлање на вода и со специјална пена помагаат да се намали горењето и да се спречи ширење на огнот – рече Ангелов.
View this post on Instagram
Тој истакна дека веќе побарале помош од соседните противпожарни единици и очекуваат дополнителни камиони за да се сменат веќе изморените пожарникари, кои делумно дејствуваат во густ црн чад со специјални заштитни маски и боци кислород за дишење.

– Од перцепцијата на терен се работи за подметнат пожар – додаде Ангелов, без да наведе дополнителни детали за можните сторители.
View this post on Instagram
Пожарот предизвика густ црн чад кој може да се забележи од повеќе скопски населби, а граѓаните на социјалните мрежи изразуваат загриженост за безбедноста и потенцијалните последици од токсичниот чад.