ПОЖАР НА ТРАЕКТ СО 250 ПАТНИЦИ КАЈ ОСТРОВОТ КРФ Се евакуираат патниците

Засега нема информации за повредени. Неофицијално, откако избил пожарот, капетанот побарал од патниците да го напуштат траектот.

309

Пожар избувнал на траект додека пловел во близина на грчкиот остров Крф, а тргнал од Грција кон Италија со околу 230 патници и 50 членови на екипажот, кои го напуштиле бродот и се евакуирале во чамците за спасување, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, акцијата за спасување е во тек, а вклучени се бродови на грчката и италијанската крајбрежна служба, но и бродови и фрегата што се во близина, кои ги преземаат патниците.






Спасените патници и членови на екипажот од траектот што се запали додека пловеше од Грција за Италија, се пренесуваат на грчкиот остров Крф, каде што ќе се пребројат, регистрираат и идентификуваат, а паралелно во тек е истрага за евентуални исчезнати лица.

На траектот имало вкупно 290 лица, 239 патници и 51 член на екипажот, а грчките медиуми објавија дека постојат информации за околу десет исчезнати лица, односно станува збор за лица кои се наоѓаат на листата патници, но не се во чамците за спасување, без тоа да значи дека со сигурност се качиле на траектот и без да постои официјална потврда.

Сепак, точниот број на спасени, евентуалниот број на исчезнати, ќе биде познат откако сите патници ќе се пренесат на Крф и ќе заврши процесот на идентификација.

Според сведоштвата на патниците за грчките медиуми, капетанот околу 4.30 часот ги информирал дека треба веднаш да ги напуштат нивните кабини, да се соберат на палубите, по што со елеци за спасување биле пренесени и евакуирани во чамци за спасување, а подоцна преземени од бродови на крајбрежните служби.

Од грчката крајбрежна служба соопштија дека утрово биле информирани за пожар на една од палубите на траектот „Euroferry Olympia“ што плови под италијанско знаме и додека се наоѓал во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса и пловел од Игуменица за Бриндизи.

– Според официјалната евиденција на екипажот и патниците што ги достави капетанот на бродот во Игуменица, пред неговото поаѓање, на „Euroferry Olympia“ имало 239 патници и 51 член на екипажот. Во тек е акција за спасување и транспорт на патниците на бродот. Целосната регистрација и идентификација на патниците ќе се изврши на Крф – рече Никос Лагадианос од грчката крајбрежна служба.

Тој додаде дека во морскиот дел во близина на траектот се четири патролни бродови и еден спасувачки брод на грчката крајбрежна служба, чамец на италијанска економска полиција, два брода што се во близина, два приватни чамци, четири хеликоптери, од кои два од военото воздухопловство и по еден од крајбрежната служба и воената морнарица, а се очекува да пристигне и една фрегата, како и реморкери.

Причината за пожарот на траектот засега не е позната.

 

Поврзани содржини