ПОЖАР МЕЃУ ДВЕ СЕЛА ВО ДЕБАРСКО Ветрот ја носи стихијата кон куќите во Селци
Загрозено е цело село, кое навистина може да биде за кусо време пеплосано. Екипи мора да дојдат во најскоро време, велат жителите според кои причинителот е најверојатно човечки фактор.
Попладнево избувнал силен пожар меѓу двете познати дебарски села Елевци и Селци, пишува Фактор. Во изјава за порталот жителите велат дека силниот ветар огнетата стихија ја носи кон куќите на Селци и дека доколку итно не се изгасне пожарот, до утре може да се случи вистинска катастрофа.
– Пожарот е точно меѓу овие две планиски села. Јавивме секаде и мора брзо да се реагира, бидејќи куќите на Селци се на удар. Силниот ветар го носи огнот кон куќите. До утре може да е предоцна. Противпожарните екипи може само пепел да најдат – загрижено велат жителите на Селци.
Истовремено посочуваат дека во последниве неколку години во овј дел на Македонија има масовна дива сеча. Пределот, како што нагласуваат, е практично под опсада на „диви шумари“.
– Иако не можеме со сигурност да тврдиме, сметаме дека причина за овој пожар е човечки фактор. Тука безмилосно се сече боровата шума, која и најбрзо гори. Пределот е планиски, тешко пристапен, но ситуацијата е повеќе од сериозна. Загрозено е цело село, кое навистина може да биде за кусо време пеплосано. Екипи мора да дојдат во најскоро време – апелираат жителите.