ПОВТОРНО ДОЈАВИ ЗА БОМБИ ВО ШКОЛИТЕ Денеска евакуирани ученици од втората смена

Учениците од втората смена во средните скопски училишта „Орце Николов“ и „Никола Карев“ се евакуирани денеска поради дојави за бомби.

412

Учениците од втората смена во средните скопски училишта „Орце Николов“ и „Никола Карев“ се евакуирани денеска поради дојави за бомби.

Од МВР ја потврдија веста за дојавите за бомби и велат дека повторно имало закани во 9 училишта.






„Денеска (27.10.2022) во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

И вчера имаше дојави за бомби во 8 средни училишта.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека истрагата за дојавите за бомби во скопските средни училишта е во тек и дека имаат првични информации од каде се испратени мејловите.

– Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП-адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија – рече Спасовски.

Поврзани содржини