ПОВРЗУВАЊЕТО НА ДАМЕ ГРУЕВ И СТОПАНСКИ ДВОР ЌЕ ДОНЕСЕ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ Модерна улица во Волково, изградба на „Шарпланинска“, најави Ѓорѓиевски

Ѓорче Петров секојдневно го носи товарот на голем сообраќаен метеж и затоа почетниот проект ќе биде изградба на модерен кружен тек меѓу улицата Ѓорче Петров и булеварот Македонска војска, најави денеска кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

316

Почетниот проект во Ѓорче Петров ќе биде изградба на модерен кружен тек меѓу улицата Ѓорче Петров и булеварот Македонска војска, најави денеска кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски при посетата на оваа општина.

Според него, Ѓорче Петров секојдневно го носи товарот на голем сообраќаен метеж, а овој кружен тек ќе донесе повеќе безбедност, помалку метеж и подобра мобилност на целиот западен влез од градот.






– Но, тоа е само дел од поширокиот концепт што ќе го реализираме низ цело Скопје.
Планираме мрежа на кружни текови кои го подобруваат протокот на возила, ја намалуваат брзината и ги штитат животите. Сето тоа е дел од нашата визија „Нула несреќи“, преку која, планираме до 2030 година да редизајнираме 50 критични крстосници и улици по европски стандарди и да создадеме град во кој сите учесници во сообраќајот ќе се движат без страв и ќе се чувствуваат безбедно. А Ѓорче Петров ќе биде пример за тоа како со внимателно планирани и капитални вложувања може да се подобри секојдневното движење и квалитетот на живот – рече Ѓорѓиевски.

Нашата програма предвидува неколку клучни инфраструктурни проекти кои ќе ја трансформираат мобилноста во овој дел од градот, најави тој.

– Ќе проектираме поврзување на улицата Лука Геров, што ќе го растовари сообраќајот, ќе осигура безбеден премин преку пругата и ќе ги поврзе населбите Даме Груев и Стопански Двор во функционална целина. Ова е инвестиција која отвора врата за економски развој, нови работни места и подобар јавен превоз. Реконструкција на улица 101 во Волково, која значи решавање на долгогодишен проблем. Волково конечно ќе добие улица по европски стандарди, со безбедни тротоари и модерна инфраструктура, достојна за граѓаните кои тука живеат – рече тој.

Започнуваме со проектирање на улицата Веле Марков, како нова сообраќајна артерија што ќе се поврзе со булеварот Македонска војска, додаде Ѓорѓиевски.

– Овој проект е вистинска комуникациска врска што ќе го растовари локалниот метеж и ќе внесе нова динамика во секојдневното живеење. Планираме и изградба на улицата Шарпланинска, според Генералниот урбанистички план, со модерна инфраструктура, одводнување, осветление и зеленило. Со ова ќе се овозможи директно поврзување на населбата Даме Груев со главните сообраќајни коридори и ќе се подобри квалитетот на секојдневието во овој дел од градот – рече Ѓорѓиевски.

Освен патната инфраструктура, додаде, предвидуваме решавање на уште еден долгогодишен проблем: нов резервоар што ќе го реши слабиот притисок на водоводот во Ѓорче Петров.

– Со изградбата на нов резервоар и пумпна станица на Оризарски Рид ќе обезбедиме стабилно и сигурно водоснабдување, што ќе биде решение што ќе служи и за генерациите кои доаѓаат. Исто така, Ѓорче Петров ќе добие и нов современ објект за средното училиште „Кочо Рацин“. Со поддршка од Владата ќе изградиме средно училиште што ќе ги следи европските стандарди – рече тој.

Сите овие проекти не се само ветувања, додаде.

– Тие се нашата обврска и нашата визија – Скопје да стане град со модерен сообраќај, сигурна инфраструктура и со еднаков пристап до квалитетен живот за сите граѓани, во сите општини, населби и населени места. И токму така ќе продолжиме. Со работа, со план и со љубов кон овој град – порача кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

 

Поврзани содржини