ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ НЕ СЕ ЗАБОРАВЕНИ, УВЕРУВА ПРЕМИЕРОТ Мицкоски го повика Обвинителството да ги преиспита случаите за модуларната болница, Ласкарци, Беса транс…
Мицкоски рече дека семејствата чии блиски загинале во модуларната болница во Тетово апсолутно ја имаат неговата поддршка, но посочи дека истрагата околу овој случај не ја води Владата, туку Обвинителството.
Премиерот Христијан Мицкоски со најголем дел од родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани се има видено и како што рече ќе продолжи да се гледа, да разговара и ќе им се помогне на семејствата на повредените.
– Имаме организиран пристап. Се видов со најголемиот дел од родителите и ќе продолжам да се гледам, да разговараме, да помагаме и за оние коишто се повредени и за оние коишто за жал ги загубија своите најмили – изјави премиерот Мицкоски, кој во Општина Желино денеска одговараше на новинарско прашање дали се следи состојбата и дали им се помага на семејствата на загинатите и повредните во кочанската дискотека „Пулс“.
Мицкоски го повика Обвинителството да ги преиспита сите случаи во минатото кои, како што рече, беа заташкани, а меѓу кои се случаите во модуларната болница во Тетово, потоа Ласкарци, Беса транс, вклучително и последниот во Кочани.
– Секој којшто има и најмала вина, вклучително и јас да биде одговорен, без разлика од која политичка партија доаѓа – изјави Мицкоски.
Тој одговори дека семејствата чии блиски загинале во модуларната болница во Тетово апсолутно ја имаат неговата поддршка, но посочи дека истрагата околу овој случај не ја води Владата, туку Обвинителството.
– Пресудата ја носат судовите. Ние многу пати во минатото сме кажале дека тие ниту имаат кредибилитет, ниту имаат легитимитет, бидејќи судиите и обвинителите во минатото знаете каде се собираа, во штабовите на СДСМ и на Демократската унија за интеграција и логично е што вие очекувате, какви пресуди да носат тие судии, тие обвинители – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека е логично дека таквите судии и обвинители да носат такви пресуди, како што е пресуда за братот на поранешен министер и како што вели „нема сигурно да донесат поинаква пресуда“.
– Тие судии, тие обвинители така ќе обвинуваат и така ќе судат сѐ додека не настане целосен ресет на системот, а за да настане целосен ресет, ние сакаме да ги почитуваме законите и Уставот. Ние не сакаме да работиме дивјачки, како што тоа некој го правеше во минатото. Апсолутно додека јас сум премиер, гарантирам правда за секого, нема граѓани од прв и од втор ред. Сите сме исти пред Уставот и законите и така ќе продолжиме да функционираме – рече Мицкоски.