ПОВРЕДЕНИТЕ ОД ПРЕСТРЕЛКАТА ПРЕФРЛЕНИ ВО СКОПЈЕ Состојбата е стабилна, но сериозна, велат лекарите
Тешките повреди на жртвите го загрозуваат нивниот живот, додека полицијата интензивно работи на расчистување на случајот.
Четворица пациенти со тешки телесни повреди денеска се пренесени на хируршките клиники во Скопје, по вооружена престрелка што се случи на улиците во Тетово.
Министерството за здравство соопшти дека на КАРИЛ е примен 32-годишен маж со прострелна рана во предел на граден кош, која се оценува како тешка телесна повреда. На Детска хирургија е згрижено 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десната натколеница. Дополнително, на Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, а на Трауматологија 60-годишен маж со скршеница на десната потколеница.
Сите повредени лица добиваат соодветна медицинска нега и се под постојан надзор на лекарите.
Во вооружената престрелка, која се случи напладне во Тетово, едно лице загина, а повеќе беа ранети, меѓу кои и малолетно девојче и случаен минувач.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека инцидентот се случил во 12:30 часот на крстосница од улиците Илинденска и Благоја Тоска, каде дошло до вооружена пресметка помеѓу лица од две возила. По престрелката, двете возила го напуштиле местото на настанот, едното се упатило кон улица 113, а другото во непознат правец.
Според очевидци и добиени информации, едното возило било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои се одјавени, а сопственост на 19-годишен жител на село Гајре. На местото на настанот било пронајдено друго патничко возило „Фолксваген Голф“ сопственост на 46-годишен жител на Тетово, во кое било пронајдено починато лице со прострелни рани.
Во Клиничка Болница Тетово биле пренесени три лица со повреди од огнено оружје. Малолетното девојче од Тетово е задржано на опсервација, додека две возрасни лица со прострелни рани се префрлени како итни случаи во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Покрај повредените од возилата, повреден е и 60-годишен пешак, случаен минувач, кој исто така бил пренесен на лекување во Скопје.
Полицијата и јавниот обвинител интензивно работат на расчистување на мотивите и околностите на вооружената престрелка која остави сериозни последици по животите и здравјето на луѓето во Тетово. Во моментов трае увид на местото на настанот.
📽️ КРВАВА ПРЕСМЕТКА ВО ТЕТОВО Едно лице е убиено со огнено оружје