Допис од адвокатот Горан Андревски до Плусинфо
Во врска со објавениот текст на вашиот портал на 21.02.2021 год. кој се однесува на Соопштение од Управата за финансиска полиција, барам истиот да биде отстранет. Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите. Професионалното и одговорно новинарство е во интерес на јавноста и нуди информации кои се точни, проверени, избалансирани.
Според моето согледување, онлајн медиумите се обврзуваат навремено да ја исправат секоја објавена информација за која ќе се утврди дека не е точна, или да ја дополнат информацијата која е нецелосна. Ова особено се однесува на информациите што некому можат да предизвикаат материјална штета или да нарушат нечиј углед. Јас мислам дека онлајн медиумите ги почитуваат и штитат индивидуалните права на поединците (правото на приватност, правото на углед и достоинство и др.). и со таа цел барам објавување на мојата изјава во врска со објавениот текст на вашиот медиум.
“Во спорниот текст – Соопштение ги има следниве прекршувања: Игнорирање на презумпцијата на невиност и заштита на сведоци, нарушување на приватноста и објавување на лични податоци со што е извршено нарушување на мојата приватност и мојот личен углед споменати во Соопштението преку објавување на лични податоци и откривањето на родот и идентитетот. Во спорниот текст наведени се неколку елементи што ме идентификуваат како на пример пол, иницијали, временски период на вршење на функција во компанијата и др, а согласно Законот за заштита на лични податоци ‘физичкото лице може да се индентификува индиректно врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице’” (Од претставката на жалителката до СЕММ)
По цена да се креира „атрактивен“ наслов, прекршено е правото на презумпцијата на невиност и поради тоа барам извинување спрема мене како оштетена и отстранување на спорната објава од содржините во вашиот ценет медиум.
Со почит,
адвокат Горан Андревски
Појаснување од Редакцијата на Плусинфо
Почитуван гн-Андревски, објавувајќи го Вашиот допис, Редакцијата на Плусинфо ја презеде одговорноста за веста на МИА, креирана од агенцијата и со истоветна содржина објавена од повеќе медиуми. Тоа не е вообичаена пракса, но го сторивме тоа со намера на Вашата клиентка да ѝ овозможиме сатисфакција.
Во таа смисла, упатуваме и јавно извинување поради тоа што насловот на спорната вест, ако се чита одвоено од текстот, може да предизвика погрешен впечаток за непотврдената вина на засегнатата. Според Вашето барање, спорната содржина веќе е отстранета од порталот.
Но, заради читателите, должни сме да појасниме дека Редакцијата на Плусинфо ја објави веста уверена дека таа не го повредува принципот на презумпција на невиноста и не го открива идентитетот на лицето за кое Финансиската полиција поднела кривична пријава.
Агенциата МИА веста ја креирала коректно, според соопштението на Финансиската полиција. Во тоа соопштение Вашата клиентка е именувана со иницијали и без податоци од критична важност за јавно разоткривање на нејзиниот идентитет. Во веста прецизно се кажува и статусот на Вашата клиентка во постапката, односно се нагласува дека станува збор за кривична пријава.