ПОВЛЕКУВАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ Е НЕУМЕРЕН ГЕСТ Бугарски експерт за диполматскиот чекор на Софија

Провокациите избувнуваат одвреме-навреме, па спласнуваат, и тоа многу зависи од политичките циклуси во двете земји – вели Чернева, која беше советник за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков.

314

Повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е неумерен гест, оцени Весела Чернева заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика и директорка на софиската канцеларија на оваа организација.

– Тоа што се случува меѓу Скопје и Софија е синџир на провокации кои ги има подолг период. Избувнуваат одвреме-навреме, па спласнуваат, и тоа многу зависи од политичките циклуси во двете земји. Кога се ближат избори во Бугарија вообичаено тој циклус пак се засилува – рече Чернева за бугарската ТВ1.






Чернева, која е реномиран регионален експерт за надворешна политика, беше и советник за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков.

Таа посочи дека на двете страни на границата има две партии со иста генеза, кои постојано создаваат поводи за да има тензии меѓу двете земји, а околу нив и групи слични на нив, како што е случајот со Костадин Костадинов и други политичари, кои се занимават со тоа да одржуваат постојани тензии.

– Ништо не го оправдува нападот врз македонскиот граѓанин со бугарска самосвест, впрочем и врз кој било друг такво нешто нема оправдување. Но, зрелоста на двете земји ќе се мери според тоа како можат да ги искористат механизмите кои веќе постојат, и беа договорени од владата на Петков со Брисел, за да може да се расчистат такви инциденти уште на самиот почеток. Во моментов не гледам дека тоа се случува. Напротив, дури и гледам желба за радикализација од бугарска страна. Според мене, повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е неумерен гест, и ако ние навистина се грижиме како живеат Бугарите во Северна Македонија, какви права имаат тие и како се третирани од македонските институции, треба да можеме да им создадеме услови, а не постојано да ги настројуваме останатите против нив – изјави Чернева.

Според неа, ваквото зголемување на тензиите „дополнително им го отежнува животот на Бугарите во Република Северна Македонија”.

– Видовме како бугарски европратеник му се заканува на македонскиот претседател со атентат. Ваквиот тип на закани не треба да бидат дел од билатералните односи. Одржувањето на добар тон и пристојност ќе им помогне на Бугарите кои живеат во Северна Македонија многу повеќе од овој прилично неодговорен пристап – смета Чернева.

Претходно и министерот за надворешни работи Бујар Османи го нарече „диспропорционален“ потегот на Софија да го повлече својот амбасадор од Скопје, ако тоа е одговор на инцидентот со секретарот на клубот „Цар Борис Трети“ Христијан Пандиков, кој беше натепан во Охрид. Османи рече дека тоа е поединечен инцидент, на кој институциите исправно реагирале.

Поврзани содржини