ПОВЛЕЧЕНО ОБВИНЕНИЕТО ПРОТИВ ПАНДЕЛЕСКИ ВО „ИМПЕРИЈА“ За повлекувањето дал согласност и поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски
Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи, кој во доказната постапка оценил дека нема докази дека Панделески перел пари и измамил 150 акционери на „Бетон Штип“.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во декември 2025 година го повлекло обвинението против бизнисменот Цветан Панделески во предметот „Империја“, дознава БИРН. Информацијата за медиумот ја потврдил Кривичниот суд во Скопје.
Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи, кој во доказната постапка оценил дека нема докази дека Панделески перел пари и измамил 150 акционери на „Бетон Штип“, меѓу кои и Кираца Трајковска, која беше поголем акционер.
Како што наведува БИРН, за повлекувањето на обвинението било разговарано на колегиум пред јавните обвинители на 10 декември, а согласност дал и поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски. По два дена, на 12 декември обвинението било повлечено.
Трошоците за судењето на Панделески ќе се платат од државниот буџет.
Со овој епилог, единствен обвинет во овој случај останува брокерот Јованче Тасковски.
Во предметот „Империја“ на поранешното Специјално јавно обвинитлество (СЈО) се гонеа 19 луѓе, кои завршија главно со спогодби и со повлечени обвиненија, а не со судења.