ПОВИСОКИТЕ ПЛАТИ МОЖАТ ДА ЈА ПОДГРЕАТ ИНФЛАЦИЈАТА Поддршка ДОМ за работниците, но со одговорен економски пристап

Потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, вклучително и можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средните претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата што може да ја намали реалната вредност и на таа повисока плата, соопшти ДОМ.

52

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците, соопшти партијата.

Во таа насока, ДОМ дава поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.






„Истовремено, сметаме дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни во тој домен. Потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, вклучително и можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средните претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата што може да ја намали реалната вредност и на таа повисока плата“, соопшти ДОМ.

Ова прашање, се додава, отвора и пошироки структурни предизвици на пазарот на труд кои мора да се адресираат како дел од суштинско и долгорочно решение.

„Факт е дека во Македонија постојат и структурни искривувања на пазарот на труд кои мора да се адресираат: различни модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеност меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден“, соопшти ДОМ.

Ниските плати и сиромаштијата, додава партијата, се реален и сериозен проблем, но решенијата треба да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.

„Сметаме дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите. Ова е натпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневнополитички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните“, соопшти ДОМ.

Поврзани содржини