ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ПЕНЗИИ Ковачевски најави раст на БДП од 5 отсто
Според мандатрот, одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми.
Создавање поголем и одржлив раст на економијата во следните две и пол години е главен фокус на новата влада, истакна претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски во експозето во Собранието.
– Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 на 5 отсто просечен раст. Ова ќе го постигнеме преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции – посочи Ковачевски.
Тој најави дека платите и натаму ќе растат.
– Во првата половина на 2022 година ќе го иницираме и заокружиме економско-социјалниот дијалог за утврдување на новата методологија за пресметка и порастот на нивото на минималната плата, истакна Ковачевски.