ПОВИСОКА ИНФЛАЦИЈА ВО НОЕМВРИ Гувернерката вели дека зголемувањето на цените не е алармантно
Првата дама на Народната банка вели дека високи цени на храната и енергенсите се очекувале уште на почеток на годината и се содржани во проекциите.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска смета дека зголемувањето на цените на одредени производи не е алармантно, но сепак најавува дека очекува стапката на инфлацијата да се зголеми но не многу повеќе од сегашните 2,2 отсто со редовното ревидирање на проекциите во ноември.
Стопанската комора пред два дена предупреди на вртоглав раст на цените до крајот на годината и побара помош од креаторите на политките.Преработувачите најавија зголемување на цените и до 50 отсто како резултат на зголемените трошоци од високите цени на увезените репроматеријали и високата цена на струјата. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески испрати апел до Владата да ги има предвид високите цени на струјата на светските берзи и да преземе соодветни активности.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска потсетува дека во глобални рамки за годинава биле очекувани повисоки цени на храната и на енергенсите, а макроекономските проекции се направени според тие параметри.
– На почетокот на ноември, кога се очекува да ги финализираме макроекономските проекции, ќе излеземе со нова проценка за инфлацијата за оваа година, но извесно е дека таа бројка ќе биде умерено повисока од 2,2 отсто – вели за Фактор гувернерката.
Првично стапка на инфлација за годинава беше планирано да изнесува 1,5 отсто. Во април стапката е ревидирана на 2,2 отсто.
Цената на електричната енергија на берзите е зголемена за преку 200 отсто, како и неколкукратно зголемување на цената на природниот гас.
Премиерот, пак, со уверување дека не очекува раст на цените, затоа што струјата не учествува многу во крајната цена на производите.