ПОВИКОТ ЗА РАСПАРЧУВАЊЕ ПРЕМИЕР Е ЦРНА КАМПАЊА Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се огради од нивниот мегафон Тричковски
Ако СДСМ не се огради од нивниот мегафон Тричковски, ќе се смета дека партијата го одобрува и стои зад повикот за ликвидација на Мицкоски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако СДСM молчи, тоа ќе биде доказ дека ја одобрува морбидната реторика на Бранко Тричковски и дека стои зад неа, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ потона во својата безидејност и очај. Немајќи што да му понуди на македонскиот граѓанин, СДСМ потпре на нејзините мегафони кои шират омраза и повици на насилство. Безидејниот СДСМ, ја сведе политиката и изборната кампања во поле на омраза, наместо натпревар на идеи, проекти и визија. Нивниот долгогодишен пропагандист и медиумски гласноговорник, Бранко Тричковски повторно премина на неговите морбидни повици за ликвидација на претседателот, Христијан Мицкоски“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со настанот од пред некој ден за лажна дојава на бомба во центарот на Скопје, перјаницата на СДСМ, Тричковски на социјалните мрежи, со морбиден речник напиша дека „Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчаното тело на Христијан!“.
„Ваквиот јавен повик за убиство не е и не може да се смета за слобода на говор, ниту метафора, тоа е повик за криминален акт против животот на друг човек. Исто така, овој испад не е изолиран случај или дело на лице со нарушена психолошка состојба, туку тоа е резултат на очајот во кој се пропаднати СДСМ и нивниот политички банкрот. Ова не е еден човек што зборува сам за себе, туку ова е гласот на очајот на СДСМ, кој се слуша преку нивните медиумски издувни вентили. Многу е јасно кога гласноговорниците и мегафони на СДСМ повикуваат на распарчување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер во период на изборен процес, тоа не е црн хумор, туку црна кампања насочена кон создавање страв, поделби, дестабилизација“, се нагласува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потенцираат дека и медиумите кои ги пренесуваат овие пораки имаат одговорност – „дали тоа го прават по налог и како дел од сценарио, или затоа што веруваат и се согласуваат со она што тој го пишува.“
„Сите кои го споделуваат, оправдуваат или ќе го штитат овој човек се соучесници во поттикнувањето и нормализирањето на опасната реторика. Токму поради тоа ги повикуваме надлежните органи да проверат дали Тричковски има формални врски со политички структури, а СДСМ јавно да се огради од овој срамен чин“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму порачуваат дека нема да дозволат омразата да стане кампања и ќе ги бранат институциите на системот, државата и демократијата од секој обид за насилство, без разлика од каде доаѓа.