ПОВЕДЕНА ИСТРАГА ПРОТИВ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЈУЖНА КОРЕЈА Јун се соочува и со гласање за отстранување од функцијата

За смена на претседателот на државата, на опозицијата ѝ се потребни гласовите на осум пратеници од владејачката партија.

212

Јужнокорејското обвинителство започна истрага против претседателот Јун Сук-Јол, неговиот министер за внатрешни работи и поранешниот министер за одбрана за нивната улога во обидот за прогласување вонредна состојба, објави новинската агенција Јонхап.

Ким Џонг-Јун, кој поднесе оставка од функцијата министер за одбрана поради неговата вмешаност во прогласувањето на вонредна состојба, во моментов е под забрана за патување во очекување на истрага од обвинителството.






Ваква забрана не е изречена за останатите двајца осомничени.

Повикувајќи се на наводните закани од „антидржавните сили“ и политичките противници, претседателот Јун воведе вонредна состојба која траеше околу шест часа. Сепак, тој набрзо ја повлече одлуката откако парламентот едногласно го отфрли потегот.

Претседателот Јун се соочува со гласање за импичмент во сабота.

Лидерот на владејачката Народна партија во Националното собрание истакна дека сите пратеници од оваа партија едногласно ќе гласаат против предлогот.

– Сите 108 пратеници на Народната партија едногласно ќе ја отфрлат постапката за импичмент против претседателот- рече Чу Кјунг-хо на партиски состанок.

За смена на претседателот на државата, на опозицијата ѝ се потребни гласовите на осум пратеници од владејачката партија.

Според јужнокорејскиот закон, предлогот за импичмент мора да биде ставен на гласање 24 до 72 часа откако ќе биде поднесен во парламентот, јави новинската агенција Јонхап.

 

Поврзани содржини