ПОВЕЌЕТО ОД ПАРТИИТЕ СЕ ПРОТИВ ПРЕДЛОГОТ НА ГАШИ Алијанса и СДСМ го нарекоа несериозен, други го осудија како етно-националистички

Повеќето партии во земјава го оценија предлогот на Гаши како несериозен, некои и како националистички став за собирање поени, а дел од нив се на ставот дека не може да има споредба меѓу ситуацијата на Косово и во Македонија.

425

Повеќе партии попладнево се огласија дека се против идејата на Алтернатива за формирање на Заедница на албански општини во Македонија по примерот на Србија и Косово. Меѓу партиите се и СДСМ и Алијанса за Албанците која штотуку влезе во владејачкото мнозинство, но и ЛДП, Социјалистичката партија на Македонија и Демократскиот сојуз. За првиот човек на опозицијата, Христијан Мицковски доволен е Охридскиот договор и додава дека ваквите идеи можат да ги влошат меѓуетничките односи.

Алијанса вели дека има разлика меѓу ситуацијата на Косово и во Македонија 






За Алијанса за Албанците предлогот на Алтернатива е несериозен од повеќе причини.

„Ваквиот предлог го сметаме за несериозен со тенденција Албанците да се стават во однос на дневната политика. Албанците живеат во територијален континуитет, а не во енклави, во општини каде Албанците се апсолутно мнозинство, во општини со релативно мнозинство и во општини со помал процент. Политичките и територијалните организации кои не им служат нив не се вредни за дискусија.

Србите во Косово, како и Албанците во Србија, се малцинство и овие стандарди мора да имаат реципроцитет и ние апсолутно го поддржуваме тоа. Дури сметаме дека такви права треба да имаат Унгарците и Босанците во Србија.

Албанците во Македонија се 1/3 од вкупното население, а не малцинство. Решенијата за заштита на малцинствата кои се размислуваат за други реалности не можат да се применат во контекст на нашето мултиетничко општество и консоцијативна демократија“, се вели во партиското соопштение на Алијанса.

И за СДСМ предлогот е несериозен

Од владеачкиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се со сличен став со Алијанса. Тие велат дека ова барање е несериозно и дека, според нив, не треба да се користи за придобивање на политички поени.

„Состојбата во Косово на никој начин не може да се преслика и во нашата држава. Согласно Законот за локалната самоуправа и согласно Законот за меѓуопштинска соработка, соработката помеѓу општините во нашата држава е апсолутно овозможена. Секоја општина може да соработува во која било форма, кога ќе си го најде интересот за одредена тема“, велат од партијата на Димитар Ковачевски.

„Огнените“ се „за“, но не и ДУИ

Расположението во ДУИ е различно. Додека Изет Меџити, лидерот на „огнените“ во партијата го поздрави предлогот на Гаши, Арбр Адеми напиша:

„Патетично, антиамериканско и антиевропско и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивнa определба“, пишува Адеми.

Претходно, партијата Демократски сојуз ги осуди идеите на Алтернатива како националистички и предупреди дека можат да водат до дестабилизација на Македонија, што пак ќе го дестабилизра целиот Балкан.

ЛДП повика сите партии да го осудат предлогот

Либерално-демократската партија на Македонија е против предлогот и повика сите партии да го осудат.

„Не само што не треба да се спомне, туку не треба ни да се промовира  иницијативата за „Асоцијација на албански општини“ во Северна Македонија затоа што тоа е чин кој создава групирања и поделби и се коси со вредностите за либерално-демократско, европско општество кон кое се стремиме, се вели во острата реакција на ЛДП.

„Во време на европски интеграции ваквата иницијатива води кон создавање на нови поделби во општеството, а не кон заедништво. Северна Македонија е мултикултурно општество, во кое освен Албанци, живеат и Турци, Бошњаци, Власи, Срби, Евреи, Роми и останати заедници“, се додава во написот и се вели дека „аспирациите на големи држави одамна се минато и не носат ништо освен партиски поени“.

Ова прашање го регулира Законот за локална самоуправа

И Социјалистичката партија на Македонија го осуди предлогот како етнонационалистички, став кој, според нив на Алтернатива ѝ е потребен за да си го зголеми рејтингот.

„Социјалистичката партија на Македонија со зачуденост се информира за иницијативата на партијата Алтернатива за формирање на заедница на албански општини во Македонија. Оваа партија како да заборавила дека прашањето е решено со Уставот и дека Македонија е унитарна мултинационална држава. Прашањето за соработка меѓу општините е затворено со Рамковниот договор и со Законот за локалната самоуправа“, се вели во партиското соопштение на СПМ и се додава:

„СПМ оценува дека Алтернатива доцни со овој предлог само 21 година, зошто Законот за локалната самоуправа што го регулира ова прашање е донесен во 2002 година“.

Левица е партија за целиот народ

Меѓу политичките препукувања денеска пристигна и ставот на Левица во Собранието. Борислав Крмов од Левица на говорница реагираше на обвинувања од пратеничка од ДУИ. Тој за неговата партија вели дека е партија на целиот народ, а дека е против криминални партии.

– Вие постојано се бавите со Левица и сега низ последните соопштенија имате тврдења за скриена коалиција, додека ние од неофицијални извори дознаваме дека намерно не ставате во контекст на страшило за албанскиот електорат. Никогаш нема никаде да најдете пример каде Левица нападнала обичен граѓанин Албанец бидејќи нашата критика и напади се насочени кон партиите на албанското малцинство во Собранието – изјави Крмов и додаде:

– ​​​​Сепак, ние не успеваме да ве избегнеме и ќе морате да се навикнете на зачестени критики бидејќи вие практично управувате со оваа Влада.

 

 

 

 

Поврзани содржини