ПОВЕЌЕ ПРИЈАВИ, НИКАКВА ЗАШТИТА ЗА РОСИЦА Илија ги убил поранешната девојка и нејзиниот татко, иако имало серија кривични постапки против него

И покрај сите пријави, условните казни и мерките кои често биле укинати, насилникот продолжил да ја вознемирува Росица, сè до трагичниот исход во кој таа и нејзиниот татко беа брутално убиени.

2,865

Основното јавно обвинителство Велес денес потврди дека против Илија Стефановски, осомничен за убиството на Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (68), уште од почетокот на годината биле поведени повеќе постапки за закани и насилство.

Првите пријави – закани и насилство






Од обвинителството информираат дека на 10 април 2025 година против Стефановски бил поднесен обвинителен предлог за два настани:

– загрозување на сигурноста на 20 февруари 2025,

– насилство со нанесување полесна телесна повреда во ноќта меѓу 3 и 4 март 2025.

– Во рамките на оваа постапка беше извршено психијатриско вештачење кое покажа дека осомничениот е пресметлив и способен да ги разбере своите постапки – велат од ОЈО Велес.

На 10 септември годинава, Основниот суд Велес го прогласил Стефановски за виновен, но му изрекол само условна казна. Истовремено, укинати му биле сите мерки на претпазливост, освен забраната за приближување кон оштетената и нејзиниот партнер.

Пријави за непочитување на судски одлуки

И покрај судските мерки, Росица Коцева на 21 мај 2025 година повторно го пријавила Стефановски. Според неа, тој не ги почитувал изречените забрани, продолжил да ѝ праќа пораки, се приближил до нејзиниот дом и го запалил автомобилот на нејзиниот татко.

– По оваа пријава издадовме наредби за прибавување телефонски податоци и видео надзор. МВР постапуваше по нашите барања – наведуваат од Обвинителството.

Настан од Скопје – ново насилство

На 25 март годинава, оштетената поднела уште една пријава – овојпат до ОЈО Скопје. Таа посочила дека на 27 декември 2024 година, за време на патување од Бугарија, Стефановски се обидел да ја задржи во стан и ѝ нанел телесна повреда.

Интересно е што речиси истовремено, и осомничениот поднел пријава против Росица, тврдејќи дека таа му поднесува лажни пријави за да изнуди пари. Но, Обвинителството во Скопје ја отфрли таа кривична пријава и продолжи да постапува по наводите на оштетената.

– На 9 септември 2025 година оштетената даде исказ и остана на предлогот за кривично гонење – потврдуваат од ОЈО Скопје.

Систем што закасни

И покрај сите пријави, условните казни и мерките кои често биле укинати, насилникот продолжил да ја вознемирува Росица, сè до трагичниот исход во кој таа и нејзиниот татко беа брутално убиени.

Крвавата драма се случила вчера попладне во Велес кога Илија дошол во семејната куќа Росица и прво на неа ѝ нанел повеќе убоди од нож, а потоа и на нејзиниот татко Киро. Потоа тој си пресудил и на себеси.

– Две лица, едно женско и едно машко, се донесени во Ургентен центар на ЈЗУ Општа болница Велес, попладнево по 16:00 часот. Прво дежурни лекари специјалисти по хируршки болести примиле женско лице избодено со нож на повеќе места на телото и се обиделе да го реанимираат, но не успеале. Потоа, исто така, примено е и момче на кое не можело да му се укаже лекарска помош бидејќи не давало знаци на живот. Лекарите во двата случаи над пациентите констатирале смрт – изјави д-р Ванчо Граматов портпарол на Општа болница Велес.

ДЕТАЛИ ЗА КРВАВИОТ НАСТАН ВО ВЕЛЕС Телата на тројцата починати пратени на обдукција

Поврзани содржини