ПОВЕЌЕ ПАРИ, ПОВЕЌЕ НАУКА, ПОВЕЌЕ ИДНИНА Владата двојно ќе го зголеми буџетот за да ги поддржи младите умови
Владата овозможи бесплатен пристап до најголемите светски научни бази.
Во рамки на денешниот настан, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со поддршката за науката во земјава, истакна дека буџетот за научни истражувања е двојно зголемен во споредба со минатата година и дека Владата обезбедила бесплатен пристап до најголемите светски научни бази на податоци.
– Она коешто прво би кажал е дека буџетот за науката е двојно зголемен оваа година споредено со минатата година. Дали е тоа доволно бидејќи доаѓам од науката – ќе ви кажам не, но е секако повеќе од тоа што беше минатата година. Мислам дека околу 650-660 милиони денари се одвоени – рече премиерот.
Тој истакна дека е овозможен бесплатен пристап за студентите до најголемите две научни бази.
– Нашата цел е да ја стимулираме науката и во таа насока е и онаа активност на Владата да обезбеди бесплатен пристап на сите научници – и млади и поискусни – на две бази на научни списанија. Ако тоа во минатото се плаќаше и беше тешко достапно, сега веќе го имаат бесплатно. Државата тоа го покри за сите универзитети – вели Мицкоски.
Како што посочи премиерот, целта на владата е македонските универзитети да се најдат во светскиот врв.
– Очекувам младите научници да продолжат во таа насока, да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат научни трудови. Така ќе придонесат нашите универзитети да се приближат до првата илјадарка на Шангајската листа, која е една од најважните во светот. Очекувам тоа да се случи во овој мандат на Владата – додаде Мицкоски.