ПОВЕЌЕ ПАРИ НА СМЕТКИТЕ НА РАБОТНИЦИТЕ Од април минималецот ќе порасне за 2.200 денари, можно е уште едно зголемување
Премиерот Мицкоски рече дека со најавените измени на Законот за работно ангажирање, објасни дека со него ќе се регулира работниот однос на пензионираните лица и студентите.
Од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или околу 2.200 денари повеќе од сегашната минимална плата, рече денеска премиерот Хртистијан Мицкоски. Според него, доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.
– Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24 400, така е според Законот. Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање – истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.
Во врска со вработувањата во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), премиерот напомена дека Владата е должна да ги обезбеди сите капацитети на институциите и тоа ќе го стори.
– Се што е потребно ќе направиме, вклучително и вработување лица во ДПИ. Не станува збор за тоа дека нешто не е спроведено или предвидено. Жалам што мораше ова да се случи за сите да се освестат дека работите повеќе од 30 години биле погрешни и да, ние ќе ги корегириаме. Поразивме судска мафија, врховен судија фативме со мито во џебот и претседател на Советот на обвинители, во постапка се т.н мазут мафија и т.н. енергетска мафија, во бегство е т.н. коцкарска мафија, приведена е уличната мафија и сега на ред дојде и оваа мафија која царувала, но и таа ќе биде пооразена, а ќе следат и други. Македонија мора да биде пристојно место за живеење, а Владата е должна да ги обезбеди сите капацитети на институциите, како на инспекторатите, така и на МВР и на затворската полиција за да може овој систем беспрекорно да функционира. За жал, наследивме девастиран, урнисан систем, но се трудиме и ќе го доведеме во ред – подвлече Мицкоски.
Прашан за најавените измени на Законот за работно ангажирање, објасни дека со него ќе се регулира работниот однос на пензионираните лица и студентите.
– За законските измени добивме делумно поддршка и од опозицијата. Ќе се регулира работниот однос на пензионираните лица и студентите што досега беше дел од сивата економија. Целта е да се зголемат вработеноста и продуктивноста во насока на зголемување на економските перформанси. Задоволни сме од резултатите во третитот и четвртиот квартал, тие се над три проценти, меѓу петте во европа, за првиот квартал годинава очекуваме поволни резултати, задоволни сме од нивото на странските инвестиции кое е историски највисоко, задолвлни сме и од извозот и индустриското производство кои почнуваат да растат. Сите економски перформанси и индикатори покажуваат знаци на консолидирање, истакна Мицкоски.