ПОВЕЌЕ ОД ДРЖАВНИК, ГЛАС НА РАЗУМОТ И МИРОТВОРЕЦ Македонија се сеќава на Борис Трајковски на денот на неговата смрт

Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија – напиша ВМРО-ДПМНЕ.

0

Пред дваесет и две години на 26 февруари во Ротимље близу Мостар во авионска несреќа животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски денеска се одбележува во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље.

Членови на семејствата, државни и други делегации денеска положија цвеќе на гробот на Трајковски во Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.






ВМРО-ДПМНЕ оддаде почит на претседателот Борис Трајковски и на членовите на неговиот кабинет и екипажот кои трагично ги загубија животите во авионската несреќа.

„Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија. Неговото делување беше насочено кон зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот углед на државата. Неговата политика на дијалог и единство претставува потсетник дека државничката зрелост, храброста и чувството за одговорност се темел на секоја стабилна и суверена држава.
Денеска, повеќе од две децении подоцна, останува обврската да се чува државата, да се гради единство и да се продолжи патот на стабилност и напредок. Нека е вечен споменот на Борис Трајковски“ – се вели во соопптението од партијата.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски му оодаде почит на починатиот македонски претседател Борис Трајковски со емотивна порака на својот фејсбук-профил.

„Борис Трајковски беше повеќе од државник. Тој беше симбол на смиреност во тешки времиња, глас на разумот и човек што искрено веруваше во силата на единството“, напиша Ѓорѓиевски.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Поврзани содржини