ПОВЕЌЕ ОД 900 КАЗНИ ВО ЕДЕН ДЕН Полицијата санкционираше и возачи без дозвола, без кацига и со мобилен во рака
Апелираме до сите учесници во сообраќајот, почитувајте ги правилата, носете кациги, не возете под алкохол и не користете мобилен додека возите. Безбедноста е одговорност на сите, порачуваат од МВР.
Полицијата и вчера беше на терен со засилени сообраќајни контроли низ цела држава, а резултатите се поразителни: вкупно 902 прекршоци се санкционирани само на 7 јули, од кои 148 возачи биле фатени зад воланот без да имаат возачка дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека 21 возач управувал возило под дејство на алкохол и бил веднаш исклучен од сообраќајот, а дури 220 возачи на мотоцикли се казнети затоа што не носеле заштитна кацига, што претставува сериозна закана по нивната и туѓа безбедност.
Контролите откриле и 82 прекршоци за пречекорување на брзината, 193 неправилно паркирани возила, како и 40 лица кои не носеле сигурносен појас при возење.
Меѓу казнетите има и 33 возачи кои користеле мобилен телефон додека управувале возило, 15 возачи-почетници, 5 за неправилно престигнување и 2 лица кои управувале електричен тротинет без да ги почитуваат правилата.
Исто така, 46 нерегистрирани возила се отстранети од сообраќај, како и девет технички неисправни.
„Контролите продолжуваат и во следните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот, почитувајте ги правилата, носете кациги, не возете под алкохол и не користете мобилен додека возите. Безбедноста е одговорност на сите“, порачуваат од МВР.