ПОВЕЌЕ ОД 50 ИНТЕРНЕТ МЕДИУМИ ГИ НАПУШТААТ АГРЕГАТОРИТЕ Се шири отпорот против незаконското преземање авторски содржини од порталите

Плусинфо еднострано го раскина договорот со Тајм.мк а причина за понатамошното агрегирање е отказниот рок. „Не знаеме до кога сопственикот на агрегаторот Тајм.мк ќе ги агрегира нашите содржини во отказниот рок, но јавно му сугерирам да се фокусира на отворената можност да разговара со интернет порталите“, објави уредникот Бранко Героски на Фејсбук.

708

Повеќе од 50 македонски интернет медиуми ги напуштаат агрегаторите на вести, откако вчера на средба зазедоа заеднички став дека добиените известувања и предлог договори од страна на агрегаторите, за преземање содржини без надомест, се неприфатливи. Потписниците на овој став и тие што подоцна се придруќија бараат да бидат отстранети од агрегирање од денеска, 21 мај.

Бројот на интернет медиумите кои се придружуваат кон оваа одлука расте и денеска, така што во моментов повеќе од 50 портали бараат доследно почитување на Законот за измени и дополнувањна Законот за авторски и сродни права, кој ги обврзува агрегаторите да склучат договори со интернет медиуми за агрегирање содржини со надомест.






Ова се информативните и други портали кои до објавувањето на оваа вест (21 мај, 12 часот) го споделуваат овој став (по азбучен ред):

А1ОН, Бриф, Вистина, Денар, Денешен, Експрес, Еспресо, 24Инфо, Капитал, Канал 77, Кумановски муабети, Курир, Либертас, Лидер, Локално, МКД, MMС, Независен, Нова Македонија, НЕТ ПРЕС, 4NEWS, Офф нет, Опсервер, Плусинфо, Прес 24, Република, Рацин, Слободен печат, 360 Степени, Телеграфи, Точка, Трн, Фактор, Фокус и Црнобело.

Спортските портали (по азбучен ред):

Екипа, Гол, Дерби, Макфудбал, 24Фудбал, Кош, 24Ракомет, Спорт 1, СпортМ, Спортманија, Спортспорт, Спортски и Суперспорт.

Со свој потпис ставот го споделуваат и порталите на македонските телевизии (по азбучен ред):

Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма.

Извесно е дека овој број интернет медиуми ќе се зголеми.

Во вторникот на 20 мај, во организација на Здружението Онлајнмедиа.мк, претставници на поголема група македонски интернет портали одржаа состанок и расправаа за проблемот. На крајот од расправата, најголем дел од претставниците на интернет порталите го усогласија и го потпишаа следниот став:

„Според последните измени на Законот за авторски и сродни права („Службен весник на РСМ“ број 87/2005), ве известуваме дека не ги прифаќаме вашите предлог договори испратени неодамна до нашите редакции, за правото да ги преземате нашите информации, фотографии, видеа. Доколку тоа бесправно преземање продолжи од ваша страна, ќе бидеме принудени да покренуваме постапки за заштита на авторските права.

Сите потписници бараат да бидат отстранети од понатамошно агрегирање на информациите, почнувајќи од 21 мај 2025 година, се до постигнување на евентуален договор.

Како асоцијација на портали, Онлајнмедиа.мк ви стои на располагање за разговор“.

Агрегаторот Тајм.мк продолжи да ги агрегира содржините на неколку портали. Во случајот на Плусинфо, причината за тоа е отказниот рок предвиден во договорот.

– Договорот склучен меѓу Плусинфо и Тајм предвидува отказен рок. Сопственикот на агрегаторот, се разбира, може да одлучи во тој рок и натаму да ги агрегира нашите содржини, но тоа нема да го промени нашиот принципиелен став. Плусинфо е активен член на здружението Онлајнмедиа, а јас лично сум еден од креаторите на законското решение со кое во Законот за авторски и сродни права за прв пат се воведува новинарско авторско дело. Не знаеме до кога сопственикот на агрегаторот Тајм.мк ќе ги агрегира нашите содржини во отказниот рок, но јавно му сугерирам да се фокусира на отворената можност да разговара со интернет порталите – објави уредникот Бранко Героски на Фејсбук.

Поврзани содржини