ПОВЕЌЕ ОД 400 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ВЛОЖЕНИ ВО ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ЛАНИ ВО БИТОЛА Градоначалникот Коњановски е горд што 100% од проектите се реализирани
Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.
На денешната седница на Советот на Општина Битола на дневен ред е завршната сметка и годишниот извештај за 2025 година.
На почетокот на седницата се обрати градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој се осврна на проектите спроведени во 2025 година за кои рече дека се 100% реализирани. Тој рече дека е направена градежна офанзива и заклучно со четвртиот квартал реализирани се капитални расходи во износ од 411.187.922 денари.
– Фокусирани бевме на многу проекти, имаше кочења, имаше избори, но успеавме да бидеме подобри од било кога и од едно време кога локалната самоуправа ја водеше сегашната опозиција – рече Коњановски.
Меѓу сработените проекти, тој ги наведе изградба на градинка во АРМ, реконструкција на уличното осветлување на Никола Тесла, реконструкција на водоводна мрежа на улицата Нико Фундали, реконструкцијата на коловоз на улицата 8 Септември, односно булеварскиот влез на Битола, изградба на коловоз на патот до црквата во село Крклино, изградба на коловоз на улица кај Дулие, реконструкција на улицата Солунска, изградба на атмосферска и фекална канализација на улицата СТУ 3 во АРМ четврт 1, изградба на велосипедска патека, реконструкција на фудбалскиот стадион под Тумбе кафе, реализација на објектот на противпожарната единица во старата касарна, како и голем процент на реализација во програмата за енергетска ефикасност – освен сончеви панели во неколку училишта, ОУ „Стив Наумов“ доби енергетски ефикасна фасада.
– Во капиталните расходи имаме значително зголемен процент на реализација во споредба со периодот од 2018 до 2021 година кога реализацијата била од 38,17 до максимум 64,21 процент, а во последните години од нашиот прв мандат се движеше од 71,52 до максимум 77,38 проценти. За 2024 процентот на реализација беше 72,75 проценти. Не е оправдување, но е факт дека и 2024 и 2025 година беа изборни години, а тоа значи намалена активност согласно Изборниот законик. Но, и во таква ситуација бројките кажуваат дека сме биле подобри од една друга локална самоуправа што ја водеше Битола – рече Коњановски.
Тој додаде дека планираните даночни приходи се остварени со над 100 проценти, планираните неданочни приходи се остварени со 76,55 проценти, кај планираните капитални приходи остварувањето е 82,72 проценти, планираните трансфери и донации се со 49,69 проценти или вкупните приходи на општина Битола во 2025 година се реализирани со 73,16 проценти.
Извршувањето од буџетската сметка за сите програми е 73,16 проценти и е во рамки на процентот во кој се движи Општината во годините на ова раководство со локалната самоуправа.
Согласно програмската класификација во буџетот се опфатени 34 програми.
Вкупните расходи бил планирани на 1.464.825.712 денари, а реализирани се 1.071.722.119 денари.
– Позитивните резултати во 2025 година се и благодарение на соработка со јавните претпријатија, а постигнатото го реализиравме со општинската администрација, за што ја искажувам својата благодарност за посветеноста кон работата – рече Коњановски.
Во тек се 10-ина нови проекти (реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта). Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.