Повеќе од 20% од затворениците се зависници од дроги, никој не им помага кога се во криза

Министерот за здравство Венко Филипче по денешната изјава на омбудсманот изјави дека постојниот систем на здравствена заштита на затворениците треба да се подобри и дека се блиску до наоѓање на дефинитивниот модел.

231

Петнаесет обиди за самоубиство на затвореници зависници од дрога се регистрирани во 2020 година, а од нив еден си го одзел животот, соопшти денеска народниот правобранител Насер Зибери објавувајќи го Извештајот за здравствена заштита на затворениците.

Тој истакна дека повеќе од 20 отсто или 476 затвореници од вкупно 2118 страдаат од нарушувања предизвикани од употребата на дрога и дека Министерството за здравство не го дава ни минимумот овие институции да имаат доволно здравствени екипи, специјализирани за зависници од дрога.

 






Народниот правобранител лани ненајавено посетил 10 затвори и утврдил дека само во охридскиот и во гевгелискиот затвор немало нарко-зависници.

– Сериозно загрижувачка е состојбата во Затворот Куманово каде што постои висок процент на лица со нарушувања предизвикани од употреба на супстанци/дроги во однос на целокупната затвореничка популација во Установата (35,5% од осудени лица и 65% од вкупниот број притворени лица), а медицинскиот персонал се состои од само еден медицински техничар, вработен во Здравствен дом Куманово, којшто работи само прва смена. Само два пати неделно или по потреба доаѓа општ лекар од Итната медицинска помош. На затворениците не им се укажува грижа во периодите на апстиненцијална криза, ниту пак имаат соодветна психосоцијална поддршка (советување, едукација, психотерапија), и, како што самите истакнаа, само биле туркани во соба со сила – рече Зибери.

Кога некој е фатен со дрога или со илегално набавен лек, тој се санкционира со самица, а пред извршувањето на оваа санкција нема претходен преглед од психијатар.

Во КПД Идризово дури 62% од женската осуденичка популација е со нарушувања предизвикани од употреба на дрога (28 од 45 женски осуденички), додека кај машките, од 1005 осудени лица во установата, 270 се со вакви нарушувања.

Во „Идризово“ има и еден психијатар ангажиран само 8 часа неделно.

– Аларамантно е сознанието дека медицинскиот техничар иако е свесен дека не смее да става инјекции и да издава лекови, тоа го прави со образложение дека има притисок од зависниците – рече Зибери.

Министерот за здравство Венко Филипче по денешната изјава на омбудсманот изјави дека постојниот систем на здравствена заштита на затворениците треба да се подобри и дека се блиску до наоѓање на дефинитивниот модел.

– Тоа е проблем за којшто сме свесни подолго време и знам дека е информиран и Народниот правобранител и подолго време бараме решение. Неколку пати се објави оглас во Здравствениот дом Скопје којшто е одговорен да ја спроведува таа здравствена заштита во затворите и секој друг здравствен дом во градовите каде што има затвори, меѓутоа не се пријави ниту еден лекар. И затоа сега се прави малку поинаков план, едно да има дополнителна финансиска стимулација за тие лекари коишто ќе работат на тоа или да биде по системот на ротација. Многу сме блиску до наоѓање на дефинитивниот модел, долго време се работи, не беше едноставно да најдеме како. Сега има систем на здравствена заштита, меѓутоа треба да се подобри и сме свесни дека треба да се подобри и мислам дека ќе најдеме и за тоа решение – рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Поврзани содржини