ПОВЕЌЕ ОД 2.600 ПРИЈАВИ ЗА ПРОЕКТИ ОД КУЛТУРАТА НА ГОДИНАШНИОТ КОНКУРС Љутков очекува тие да ја зголемат понудата во културата

Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2026 година  е 5,19 милијарди денари и е поголем од ланскиот за 519 милиони денари. Буџетот наменет за проекти од национален интерес во културата изнесува 1,5 милијарди денари.

35

Преку електронскиот систем за аплицирање на годишните конкурси за проекти од културата за 2026 година пристигнале 2.618 пријави, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков соопштувајќи ги резултатите од конкурсите, нагласувајќи дека овој број на пристигнати апликации го потврдува интересот и довербата во системот.

– Се работи за проекти кои ќе ја збогатат културната понуда, ќе отворат простор за нови креативни изрази и ќе придонесат за меѓународната афирмација на македонската култура. Интересот што и оваа година го покажуваат уметниците и културните организации за годишните конкурси е јасна потврда дека нашата културна сцена е динамична, иновативна и подготвена за создавање. Годишната програма за проекти од културата во 2026 е суштински чекор напред и доказ дека културата не ја гледаме како трошок туку како стратегиска инвестиција во нашиот национален идентитет, во креативниот потенцијал на луѓето и во иднината на целото општество – истакна Љутков на прес-конференција во Владата.






Процесот на селекција, рече, се одвивал врз основа на јасно дефинирани критериуми, однапред дефинирани приоритети и од стручни комисии составени од компетентни лица од соодветни области.

Соопшти дека се зголемени  средствата во повеќе дејности, при што се внимавало на квалитетот, квантитетот и рамномерниот развој на културата. Посебно внимание е посветено на современо творештво, меѓународната соработка и креативните индустрии, области кои, како што рече,  не само што носат културна вредност туку и значаен економски потенцијал.

-Особено значајно е што и во 2026 година продолжуваме со систематско зајакнување на националните установи – истакна Љутков и соопшти дека откако лани првпат беше воведен модел на делегиран буџет за националните установи, како пилот-проект за 18 од нив, моделот годинава ќе се прошири на 28 национални установи со делегиран буџет поради позитивните искуства.

Тој  појасни дека ваквиот модел покажал мерливи и конкретни резултати и затоа прераснува во системски и долгорочно одржлива практика.

– Овој модел е конкретен чекор кон поголема автономија, поефикасно управување со програмските средства, како и кон јасно дефинирана одговорност и отчетност – рече Љутков.

Тој соопшти дека вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2026 година  е 5,19 милијарди денари и е поголем од ланскиот за 519 милиони денари. Буџетот наменет за проекти од национален интерес во културата изнесува 1,5 милијарди денари.

– Ова е јасна и недвосмислена порака дека културата има поддршка и дека државата стои зад своите уметници, институции и културни работници – рече Љутков.

Поврзани содржини