ПОВЕЌЕ ОД 2,58 МИЛИОНИ ПАТНИЦИ МИНАЛЕ НИЗ ДВАТА АЕРОДРОМИ Најмногу се летало за Истанбул
Топ - пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 отсто пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 отсто), Швајцарија (10,9 отсто), Италија (5,2 отсто) и Австрија (4,4отсто).
Двата македонски аеродроми Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид изминатите 9 месеци опслужиле вкупно 2.585.096 патници што е зголемување од 6% во однос на истиот период минатата година. Бројот на летови, пак, во истиот временски период е зголемен за 3%, односно двата аеродроми опслужиле 20.141 летови.
Како што информира денеска ТАВ Аеродроми, за овој позитивен тренд на раст на бројките во голема мера влијаеа новоотворените 8 линии од двата ародрома на почетокот на годинава.
ТАВ Македонија очекува голем број патници поради новите летови кои веќе се најавени за идната година, како од Скопје до Будимпешта и до Неапол кои ќе почнат од 30 март 2026 година и од Охрид до Милано на 30 март, Вроцлав на 7 јуни и Катовице од 8 јуни.
Според статистиката на ТАВ Македонија, само во септември двата македонски аеродроми опслужиле 329.523 патници што е 8% повеќе споредено со истиот период минатата година, а биле реализирани 2.422 летови што е за 1% повеќе од лани.
Скопскиот аеродром дневно во просек опслужувал 8.687 патници што е за 5,7% повеќе од лани, а преку охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јануари до септември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 2.375.264 што е за 5,4% повеќе од лани, а додека Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 16,2% со услужени 209.832 патници.
Истанбул повторно е најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,9 отсто пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,1 отсто), Франкфурт (5,7 отсто), Цирих (4,6 отсто), Виена (4,2 отсто), Минхен – Меминген (4,1 отсто) и Дортмунд (4,1 отсто).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 отсто пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 отсто), Швајцарија (10,9 отсто), Италија (5,2 отсто) и Австрија (4,4отсто).