ПОВЕЌЕ МИНИСТРИ РАЗМИСЛУВААТ КАКО ДА НЕ БОДАТ ВО ОЧИ ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ Ковачевски очекува за 2 недели да види решение
Премиерот рече дека се бара одржливо решение кое потоа нема да падне на уставен.
За една или две недели ќе има решение за тоа како да се скратат платите на функционерите, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој не спомена можни коефициенти и бројки, но кажа дека во работната гупа формирана за тоа работат повеќе министри кои треба да најдат одржливо решение кое нема да падне на Уставен суд.
– Бараме решение кое ќе биде одржливо, за да не го укине Уставниот суд. Отворена е дискусија за тоа како треба да изгледа тоа решение на вчерашната владина седнца. Министрите ќе работат во текот на овие денови, за да се постигне усогласување на платата на ниво кое ќе биде поприфатливо и истоврмено одржливо, за во наредните една-две недели да излезат со решение пред Влада пред да оди во Собрание. Треба да биде прифатливо од правно гледиште, бидејќи досега два пати има паднато на Уставен – рече Ковачевски.
Тој рече дека треба да се работи на тоа што ќе биде основица на платата и колкави ќе бидат коифициентите.
-Не може да се каже кој ќе биде коефициентот за пресметка и дали решението е во коефициентот или во основицата. Се покажа дека основицата на двапати беше оспорена на Уставен суд и на двапати беше укинато едно такво решение како неуставно и неусогласеност со Уставот во однос на тоа дека се дерогира системот на плати. Затоа треба да се работи на решение кое што ќе биде издржливо. Кога зборуваме за коефициенти тогаш се работи за поголем број на коефициенти за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата бидејќи имаат поделени надлежности – Собранието, Владата, обвинителството, судството и нормално локалната самоуправа. До идната недела очекуваме да имаме работен материјал – рече Ковачевски.
На вчерашната владина седница се расправало за предлог за измените на закон за платите и надоместоците на функционерите кои во март со одлука на Уставниот Суд пораснаа за 78% . На седницата не била донесена одлука, но е формирано работно тело.