ПОВЕЌЕ БЕРБЕРСКИ ОВЦИ УГИНАА ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА Јаделе гранки од отровно растение?

Од Зоолошката градина уверуваат дека редовно и транспарентно известуваат за сите настани и со најголема сериозност ги третираат ваквите инциденти.

531

Во вторникот, на 11 февруари, при редовната утринска контрола, вработените во скопската Зоолошка градина начекале шокантна глетка – повеќе угинати берберски овци во нивното живеалиште.

Животните немале никакви видливи знаци на повреди, ниту пак претходно покажале симптоми на болест, што ја прави ситуацијата уште позагадочна.






Веднаш по откритието, биле повикани инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина. Тие извршиле детален увид на лице место и започнале обдукција за да ја утврдат точната причина за угинувањето.

„Иако официјалните резултати сè уште се очекуваат, првичните сомнежи упатуваат на можноста за труење. Според прелиминарните проценки, животните можеби консумирале гранки од растението тиса (Taxus baccata), познато по својата токсичност за добитокот“, соопшти скопската Зоолошка градина на Фејсбук.

Од Зоолошката градина уверуваат дека редовно и транспарентно известуваат за сите настани и со најголема сериозност ги третираат ваквите инциденти.

„Надлежните институции се информирани веднаш по откритието, а целта е што побрзо да се утврди што точно се случило и да се преземат соодветни мерки. Се очекува резултатите од анализите да дадат одговори на оваа неочекувана трагедија“, се вели во објавата.

Поврзани содржини