Повеќе Американци починале од ковид-19 отколку што загинале во 4 војни вкупно
Во САД има повеќе од 100.000 мртви од коронавирусот за помалку од четири месеци, пишува Би-би-си.
Тоа е најголема смртност во однос на сите други земји, а потврдените заразени 1,69 милиони во САД се околу 30 отсто од вкупниот број заболени во светот.
Првата инфекција со коронавирус во САД е регистрирана на 21 јануари годинава во сојузната држава Вашингтон.
Глобално, инфицирани се 5,6 милиони луѓе и 354.983 се починати од појавата на вирусот во Вухан, Кина, минатата година.
Според Универзитетот Џон Хопкинс, во САД има 100.276 починати од ковид-19. Тоа значи дека повеќе Американци починале од ковид-19 отколку што загинале во војните во Кореја, Виетнам, Ирак и Авганистан заедно.
Но, по глава на жител, САД се на деветто место по стапката на морталитет, зад Белгија, Велика Британија, Франција и Ирска.
Смртноста во САД сѐ уште расте и властите сметаат дека бројот е повисок од тој што е регистриран.